
Кога млад лекар ќе ја добие својата диплома, не се поставува прашањето „каде ќе се вработам?“, туку „дали да заминам во странство кон подобра иднина?“. Работните услови кои ги нуди системот се причина на сѐ поголем одлив на млади и амбициозни лекари кои сакаат да го усовршат своето знаење, но не можат да ја остварат својата визија во Македонија.
Владимир Панев е млад лекар кој дипломирал медицина во Македонија, но кратко по дипломирањето се одлучил да се исели и да работи медицина во Хрватска.

Владимир Панев
„Како млад лекар, одлуката да мигрирам во Хрватска не беше лесна, но беше резултат на повеќе искуства и размислувања. Сакав средина во која трудот и знаењето се препознаваат и вреднуваат. Денес можам да кажам дека тука се чувствувам почитувано и ценето – и како човек и како професионалец. Условите за работа се подобро организирани, опремата е посовремена, а можностите за едукација и напредување се појасно дефинирани. Дополнително, културата, природата и начинот на живот ми одговараат и сум навистина задоволен тука. Во моментов немам план да се вратам.“, вели доктор Панев.
Со усвојувањето на законот со кои се укинува дискреционото овластување на директорите при вработувањето, ќе се овозможи преку распишаните јавни конкурси да се вработат најдобрите лекари. Сепак, негативните искуства и неправдата со кои се соочуваат лекарите од страна на работодавачите е на посериозно ниво.
Доктор Панев ја напуштил Македонија поради серија на неправди
„Мојата одлука беше силно поттикната и од негативни искуства на почетокот од кариерата во Северна Македонија. Се соочив со непочитување од страна на работодавач – од мене се бараше дури и да плаќам „на рака“ дел од платата за да бидам „обучуван“. Работев со месеци без редовна исплата. Тоа беше понижувачко и разочарувачко искуство за еден млад лекар кој сака чесно да работи и да учи. Дополнително, се соочив и со родова дискриминација – бев оттурнат од одредени можности само затоа што сум маж. Наместо критериум да биде знаењето и посветеноста, одлуките се носеа врз основа на лични или родови предрасуди. Тоа е нешто што сериозно го демотивира младиот кадар.“, вели Панев.

Д-р Владимир Панев во Хрватска
Доктор Панев не може да поверува дека таков закон е донесен во Македонија
Се отвора простор кон подобрување на здравствениот систем, но дали тоа навистина ќе се оствари пред сѐ зависи од институционалната поддршка, подобри услови за работа и доследна примена на одредбите од законите.
„Во однос на новиот закон за вработување на најдобрите студенти – искрено, сè уште не можам да поверувам дека таква иницијатива е одобрена. Искрено ми е драго за моите пријатели, тие „скриени бисери“ кои конечно ќе добијат шанса да блеснат. Но, еден закон сам по себе нема да биде доволен ако не се спроведува транспарентно и доследно.“, вели Владимир.
Од перспектива на Владимир, за да се намали одливот на лекари, потребни се системски промени. Пред сè, треба да има законски гарантирана минимална плата за доктори, утврдена и заштитена со закон, со јасни стандарди. Тука значајна улога треба да има Лекарска комора на Северна Македонија, која би требало активно да се залага за минимален достоинствен надомест и правна заштита на лекарите од злоупотреби.
Потребно е контрола, санкции и транспарентност
Потребни се конкретни промени и законски регулативи со кои ќе се спречи самоволието на работодавачите и создавање на вистински услови за задржување на младите лекари. Со зачестена инспекција во начинот на вработувањето и почитувањето на законите е можно подобрување на здравствениот систем.
„Покрај тоа, потребни се: строга контрола и санкции за работодавачи кои бараат нелегални исплати, целосна транспарентност при вработување и доделување специјализации, заштита од дискриминација, модерни услови за работа и континуирана едукација. Младите лекари не заминуваат само поради плата – заминуваат поради неправда, непочитување и чувство дека системот не ги штити. Кога ќе се создаде средина во која лекарот ќе биде вреднуван, заштитен и мотивиран, тогаш ќе има реална шанса одливот да се намали.“, вели Владимир.