ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.02.2022
Дискриминацијата на Ембла – пораз за сите нас

Случајот со малата Ембла, девојче со Даунов синдром кое им пречи на родителите на останатите ученици од одделението во Гостивар, е еден голем пораз за сите нас.

Тежок пораз за човештвото – за она човештво кое се уште верува во чесност, добрина, емпатија, човечност, хуманост, е секој случај кога одредена група на луѓе (и тоа луѓе кои се околу нас, тука, ги гледаме секојдневно, си кажуваме добар ден, добро утро, ги слушаме како „лепат уста“ како се добри, критикуваат се и сешто, оддаваат за себе една убава слика – ќе ги симнат маските и ќе си ја покажат грдата страна! Да, онаа која си ја имаат во себе, ама ја кријат!

Таков еден пораз доживеавме и уште доживуваме овие денови, а заслужни се ( и да не се лажеме, не се само тие, не се само тука, ги има многу….) родителите од Гостивар кои не ги пуштаат своите деца на училиште за да не бидат во иста училница со нивната врсничка со Даунов синдром Ембла. Несфатливо, за неверување, разочарувачки, кога ќе види човек дека после толку зборување за инклузија, после толку надежи дека ќе се врати довербата во луѓето, во човекот, во човечноста, одеднаш ќе добиете таков силен шамар и ќе сфатите дека всушност, заложбите, идеите, трудот да се постигне инклузија, да бидеме хумани и човечни, всушност допира до малку луѓе… Искрената борба за хуманост, за прифаќање на лицата со попреченост, за помош да се чувствуваат подобро и тие и нивните семејства, за жал ја водат многу мал број на активисти, организации, мал дел на медиуми и новинари, а огромен дел граѓани, родители, политичари, само глумат дека „ја слушнале пораката“.

(ВИДЕО) Инклузија на лицата со попреченост – за некој вистинска борба, за некој можност за профит

Гневот кој сега е упатен кон родителите од Гостивар, кои се ужасуваат од помислата нивните деца да учат со дете со Даунов синдром, ќе помине. До некој нов случај, а за жал ништо не најавува дека ќе ги нема тие нови случаи. Затоа што, за жал, стравот, отпорот, нетолеранцијата кон „различните“ ја има секаде околу нас, само молчиме и не ја гледаме, додека не излезе на површина, како кога проблемите ги оставаме за утре, кога коментираме дека „еден шамар не е ништо, нормално е“, кога ќе изустиме „ти си го бираше“…а во меѓувреме, на деновите кои се одбележуваат како денови за поддршка на лицата со попреченост, на борба против ретки болести, на се што алудира на хуманост, ќе се „отепаме“ споделувајќи пораки на социјалните мрежи покажувајќи колку сме ние фини, толерантни, хумани… Сето тоа, додека не паднат маскте, а паѓаат! Како сега во Гостивар, утре којзнае каде.

Гоце.мк на крајот на минатата година имаше неколку прилози, дебати и емисија на темата инклузија, и тогаш меѓу другите мислење побаравме и од организацијата „Дајте ни крилја“. Тоа го сторивме и сега, и еве го ставот на Катарина Ивановиќ од оваа граѓанска организација.

Катарина Ивановиќ на работилница за лица со попреченост
Фото: FB Katarina Ivanovic

Што да кажам, занемена сум од целата ситуација, која за жал не е единствена приказна… Ваквите родители кои ја поттикнаа и ја потпишаа петицијата за Ембла, се уште еден пораз на општеството кога се во прашање овие маргинализирани лица, лицата со попреченост. И одговорност мора да има за сите инволвирани страни, да не речам дискриминатори. Како прво инклузијата е законска обврска, а она што е поважно е дека пред се треба да чувствуваме морална обврска, да развиеме поголема емпатија и да застанеме во заштита во случајов на Ембла, а и на секој кој ќе се најде во ваква ужасна ситуација. За жал, предрасудите, стигматизацијата и нечовечноста и овој пат излегоа во прв план. ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ОСТАНАТ ГЛУВИ НА ВАКОВ КРИК !!!!“ – вели Катарина Ивановиќ, која Ембла и нејзиното семејство ги запознала и лично.

Ембла и нејзиното семејство имав прилика да ги запознаам лично на еден од нашите психолошки кампови кои ги имавме организирано и можам да кажам само пофални зборови за целото семејство . А Ембла беше една од омилените деца таму

Дали вреди да се прашуваме каде грешиме, ако после сите обиди да се подигне свеста дека лицата со попреченост се дел од нас, дека за нивна несреќа едноставно судбината си поиграла со нив па имаат проблем во животот, ко патем речено не бира и може да се случи секому, сепак нивото на свеста е во најголем дел такво, какво што во целата своја сила се покажа во случајот родителите на децата против (не)детето Амбла? Системот очигледно бара решенија, се преземаат мерки, се прилагодува образованието, повеќе или помалку успешно, но и овде човечкиот фактор пресудува, па ете и во Гостивар ова се случувало подолго време, и се премолчувало. Очигледно, ниту најдобрите мерки и реформи не можат да го реформираат човековиот мозок, ако едноставно е закржлавен и заробен во стереотипи, стравови и егоизам. Таму треба мнооогу работа на себе, читање, едуцирање…Но изгледа и тоа е тешко.

„Студентски отпор“ реагира на новите повисоки трошоци за студирање
Краен рок за промена на возачките дозволи со старото уставно име е 31 декември