
Дискриминација најчесто има поради етничка и родова основа, а потоа и поради политичко уверување, како и права од работен однос..
Етничката или националната припадност – најчеста причина за претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сумираните податоци за 2024 година покажуваат дека претставките најмногу се поврзани со правата од работен однос, пишува Порталб.мк. Најголем дел или 66 отсто од потврдените случаи се во јавниот сектор. Новиот Годишен извештај на КСЗД стигна во Собранието – за усвојување.
За дури 43 отсто е зголемен просечниот број на поднесени претставки за заштита од дискриминација во 2024 година, во однос на поднесените нови претставки во периодот 2021-2023. Лани во однос на 2023 година бројот на претставки е намален за 22 отсто, но тоа е поради помалиот број на поднесени повеќекратни пријави за исти настани, односно исти дискриминатори. Од вкупниот број на претставки, 27 отсто се однесуваат на дискриминација по етничка или национална основа. Ова се дел од наодите во Годишниот извештај на КСЗД.
Најчеста основа за дискриминација во 2024 е националната или етничката припадност која е посочена во 109 претставки. Тоа е 27 отсто од вкупниот број на претставки – се наведува во извештајот.
Дискриминација и сегрегација на ученици Роми во основно училиште во Прилеп
Според податоците од Комисијата, 11 отсто од претставките се за дискриминација поради политичко уверување.
Во претставките кои се поднесени по основ на национална и етничка припадност се опфатени и други основи на дискриминирање.
Од доставените претставки за дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, 6 претставки се однесуваат на јазик, 4 претставки на политичко уверување, 3 претставки за боја на кожа – се наведува во извештајот.
Сумираните податоци покажуваат дека во претставките кои се однесуваат на „друга основа на дискриминација“ и дискриминација по „лично својство или општествен статус“ најчесто се опфатени случаи со членување или не-членување во синдикална организација, мајчинство, планирана бременост, место на живеење, степен на образование…
Лани, во 43 отсто од усвоените мислења на Комисијата била утврдена дискриминација во областа на работата и работните односи. 20 отсто од заклучоците се однесуваат на утврдени случаи во образование, наука и спорт.
И натаму јавниот сектор ја има „водечката улога“ во претставките – 66 отсто од утврдените случаи се во јавните, односно државните институции, а како сторители се посочени самите институции, раководните и други овластени лица во тие институции. 16 отсто од донесените мислења на Комисијата се однесуваат на дискриминација во приватен сектор по различен основ, а најчесто поврзани со работата и работните односи .
Во 2024 жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основа на пол, род, образование, возраст и семејна или брачна состојба.
Мажите почесто пријавиле дискриминирање врз основи на боја на кожа, потекло, сексуална ориентација, државјанство, попреченост – констатира КСЗД
Во 2024 година од вкупно 485 предмети , биле донесени одлуки за 316 од нив. 48 отсто се мислења по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, од кои во 37 отсто е утврдена. Кај 52 отсто од предметите има заклучок за отфрлање на постапката. Најмногу поради неуредни документи или поради ненадлежност на комисијата.