

Популарните спортски канали на кои „зависниците“ од најквалитетниот светски спорт ги следат телевизиските преноси до крајот на годината ќе треба да се емитуваат со коментар на македонски и на албански јазик. Ова засега е само препорака од Владата на РСМ, па останува прашање дали радиодифузерите кои ги реемитуваат овие канали ќе ја почитуваат, или пак во догледно време ќе уследи и обврска за почитување на ова правило, кое е во согласност со одредбите од Конвенција на ЕУ за прекугранична телевизија. Во известувањето од седницата на Владата кое се однесува на оваа препорака стои:
„Врз основа на Извештајот на Работната група за изнаоѓање начин за регулирање на јазично покривање на македонски и албански јазик на спортските канали кои се реемитуваат на територијата на Република Северна Македонија, Владата им препорача на сите радиодифузери што реемитуваат спортски содржини на територијата на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 декември да започнат да ги имплементираат одредбите од Конвенцијата на ЕУ за прекугранична телевизија и да ги емитуваат спортските медиумски сервиси на македонски и на албански јазик.“
Досега, љубителите на спортот, во најголем дел на фудбалските натпревари од квалитетните европски лиги (Англиската Премиер лига, Шпанската Примера, Италијанската Серија А, Германската Бундес лига…) преносите ги следеа на каналите на реагионалните Арена и Спорт клуб, но речиси редовно со коментар на српскохрватски јазик. Ретко се случуваше, понекогаш кога играше нашата фудбалска репрезентација или пак кога се врши пренос од домашното првенство, коментарот да биде на македонски. Како ќе се имплементира оваа препорака, останува да видиме, а интересно ќе биде и какви ќе бидат реакциите на гледачите, кои имаат истенчен вкус за спортското коментаторство и понекогаш се прилично критички расположени кон македонските коментатори.
(прочитајте и: Знаете ли се за спортот? )