ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.07.2025
Доц. д-р. Мирела Василева: „Сончевите зраци не лечат – тие маскираат, па оштетуваат“

Со доаѓањето на летото, кожата станува прва на линија на удар – од сончеви зраци, високи температури, потење до инфекции. Доц. д-р. Мирела Василева, раководител на Одделот по дерматовенерологија при Клиничката болница во Штип, предупредува на бројни дерматолошки предизвици кои не смееме да ги игнорираме.

Летото не е само сезона на море, туку и на изгореници

Најчестите дерматолошки состојби со кои пациентите се соочуваат во летниот период се „изгореници од сонце, топлотен осип, инфекции, убоди од инсекти и влошување или појава на нови акни“. Како што објаснува д-р Василева, овие појави се резултат на „растот на температурите, директната изложеност на УВ зраци, потењето и задржувањето на пот во порите“.

Д-р Мирела Василева

Дополнително, некои хронични состојби забележуваат влошување токму во летните месеци:
„Дерматолошки состојби во кои забележуваме егзацербација овој период се атопискиот дерматит, розацеа, варикозни вени, дискоиден лупус еритематодес…“

Сонцето како волк во овча кожа

Иако понекогаш УВ-зраците може да имаат краткотраен корисен ефект кај состојби како псоријаза или акни, д-р Василева вели: „Сонцето не лечи – тоа маскира, а потоа оштетува.“

Таа предупредува дека „УВ зраците во поголем процент негативно влијаат на кожата со тоа што предизвикуваат оштетување на ДНК на клетките“, што води до предвремено стареење, хиперпигментации и зголемен ризик од карцином. Првите знаци на оштетување се црвенило, лупење, појава на пигментни флеки и сушење на кожата. Хроничната изложеност води до фото-стареење: „рана појава на брчки, губење еластичност, рапава текстура, хиперпигментации и, на крајот, преканцерози и карцином.“

Заштитата од сонце не е избор, туку обврска

Клучниот совет од докторката е јасен и гласен:
„Ако треба да издвојам една единствена, но суштинска препорака за заштита на кожата во летниот период, таа би била да доследно, правилно и редовно се употребува широкоспектарен фотозаштитен препарат со минимум СПФ 30.“ Таа потенцира дека фотозаштитата мора да биде „индивидуализирана според фототипот, активностите и специфичните кожни состојби“. Дополнително објаснува дека СПФ 25 блокира околу 95% од УВБ зраците, додека СПФ 50 блокира околу 97%, а РА+++ значи висока заштита од УВА зраците. „Фотозаштитата не е само козметички совет, таа е медицинска потреба, основа на секој превентивен и терапевтски дерматолошки протокол.“

Море или базен?

Солената вода, според д-р Василева, може да има благ антисептичен ефект и да помогне кај акни, псоријаза и некои рани, но: „Може да ја влоши состојбата кај сува и атопична кожа која дополнително ќе ја иритира.“

Хлорот, пак, е целосно непожелен: „Хлорот од базени е многу силен иританс особено за чувствителна кожа и нема никаков позитивен ефект за неа.“

Исхрана: Сојузник или невидлив непријател?

Исхраната игра клучна улога во дерматологијата.
„Акните се поврзани со висок гликемиски индекс. Себореичниот дерматит се влошува со алкохол, масти и шеќери. Розацеата реагира на зачинета храна и алкохол.“
Од друга страна, антиоксиданси, омега-3 масни киселини и доволен внес на вода можат да го намалат воспалението и да ја подобрат состојбата на кожата.

„Кожата ни е една за цел живот и оштетувањата од детството ги носиме до старост. НЕ ЕКСПЕРИМЕНТИРАЈТЕ!“, потенцира Василева. 

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање