
Договорот помеѓу СОНК и Владата „падна“ на испитот кај наставниците. Членството на СОНК во поголем дел го одби договореното на последната средба, односно не прифати зголемување од 12,5 % од јули.
Поради ова, ниту денеска учениците не тргнаа на училиште. Единствено штрајкот е ставен во мирување во градинките, па децата од денеска ќе бидат згрижени. Според информациите, за прифаќање на понуденото од Владата биле најголем дел од организациите на СОНК токму во предучилишното воспитување.
Продолжува штрајкот на вработените во основното и средното образование. Од денеска градинките пак ќе ги примаат децата од предучилишна возраст. Синдикатот на образованието, науката и културата останува на своите барања за зголемување на платите од 18,4% и вчера не ја прифати понудата на владата за зголемување на платите за 12,5 %. Од вкупно 480 синдикални организации, 388 се изјасниле за продолжување на штрајкот.
Во однос на градинките, Советот на СОНК одлучил штрајкот во градинките да биде во мирување.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков изја ви дека вчера Советот на СОНК донел одлука дека штрајкот продолжува се додека не се најде заедничко решение. Неделков најави и дека во среда, 4-ти мај ќе се одржи и голем протест пред Владата.
Од СОНК повторно најавија дека пропуштеното во наставата за учениците ќе се надомести. Штрајкот инаку влезе во третата недела (започна на 11 април).
Од МОН вчера изјавија дека договорот кој беше постигнат не траеше ни еден ден. Реагираше министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Тој ги повика директорите на училиштата да ги отворат вратите на училиштата и да организираат настава согласно законите, велејќи дека имаат „надлежности и одговараат за нив“, а на родителите им порача да ги пратат децата на училиште.