Најголем дел од младите рекле дека сметаат оти воопшто не се вклучени во носењето на одлуки во нивната локална заедница. Речиси 55 отсто не се запознаени дали постои Закон за младинско учество и младински политики.
Австралија – казни за користење социјални мрежи од страна на млади под 16 години
Речиси половина (49,6%) од младите никогаш не биле вклучени во некаква организација или клуб, а како причина ги наведуваат нивните веќе постоечки обврски во училиште или на работа. Две третини од младите во Полошкиот плански регион никогаш не работеле индивидуално или во група на решавање на некаков проблем во нивната општина. Доколку би имале можност за отселување, огромни 76,3 отсто од младите рекле дека би се иселиле надвор од државата.
Ова се дел од главните наоди од истражувањето „Потребите на младите на локално ниво“, спроведено во Полошкиот плански регион, од Здружението на граѓани „Младите можат“, а со поддршка на Европската комисија, во текот на август и септември годинава.
Над 21 отсто од испитаниците рекле дека најголем проблем во нивната општина е слабата економија и невработеноста.
„Воспоставните практики, непостоењето на претставнички тела, ниската запознаеност на младите со претставниците говорат за исклученост на младите од ваквите процеси и причините кои водат кон незапознаеност и апатија“, вели Никица Манџуковски, програмски координатор во Здружение на граѓани „Младите можат“.
„Меѓутоа, младите како група постојано се соочуваат со бројни предизвици, испреплетени меѓу неактивноста во заедницата, недостатокот на лична одговорност и етнички тензии. Токму тоа не поттикна да добиеме конкретни податоци за вклученоста на младите во процесите на донесување одлуки и нивното учество во општествените текови на локално ниво“, додава тој.
Според истражувањето, евидентно е дека младите од Полошкиот регион се заинтересирани за темата волонтирање, а најпривлечен сектор за волонтирање е граѓанскиот.
Најголем дел од младите рекле дека сметаат оти воопшто не се вклучени во носењето на одлуки во нивната локална заедница. Речиси 55 отсто не се запознаени дали постои Закон за младинско учество и младински политики.
Во однос на оценување на нивното здравје и благосостојба, 56,1 отсто дале највисока оценка 5 за нивното здравје.
Целта на истражувањето е да се идентификуваат потребите и предизвиците кои младите луѓе ги имаат во Полошкиот регион. Добиените резултати од истражувањето, односно идентификуваните потреби и предизвици, според „Младите можат“, ќе овозможат решавање на младинските предизвици на локално ниво, зајакнување на капацитетите на младите за вклучување во процесите на донесување на одлуки, како и зголемување на соработката помеѓу локалните власти, организации, училишта и останати чинители кои се значајни за младите луѓе.
Здружението на граѓани „Младите можат“ ова истражување го спроведува од 2021 година и до сега е спроведено во вкупно осум општини. Оваа година за прв пат истражувањето опфаќа еден цел плански регион.
Извор: Мета.мк