
За студентите кои го испуштија рокот за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк (од 1 до 5 ноември), Министерството за образование и наука овозможува дополнителен рок за пријавување – од денеска до 16 ноември 2025.
МОН објави дека кандидатите треба да се пријават електронски на линкот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и при пријавувањето да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк кои потпишани ќе ги прикачат кон електронската апликација.

– Сите студенти кои го оствариле правото на студентски оброк ќе почнат да ги примаат средствата во месецот што следува по завршувањето на месецот во кој се пријавиле за правото на студентски оброк. За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард, на контактот subvencioniran.obrok@mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН.
Претходно, во јавноста беа објавени информации според кои дел од студентите не можеле да добијат студентски оброк пораи неажурност на факултети и институции. Според Студентарија.мк, станува збор за над 1000 студенти, кои поради административни пропусти го изгубиле правото на овој надоместок. Наводно, дел од факултетите не доставиле ажурирани листи на редовни студенти до МОН.
Од МОН пак велат дека тие само ги верификуваат податоците кои ги добиваат од универзитетите и ги одобруваат апликациите, така што, факултетите треба навремено да ги достават ажурираните листи на редовни студенти.