ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
20.12.2021
Дороти Пачкова: Ако ти се гади во стомакот кога сведочиш на неправда, тогаш си феминист/ка и можеш да бидеш дел од One Can!

Денеска го пиеме кафето со една од најхрабрите жени кои сум ги запознала во мојот живот – Дороти Пачкова, жена во постојан процес, жена која се бори за правата на жените, за родова еднаквост и жена која може да ја понесе титулата жена, мајка, кралица. Дороти е основач на невладината организација „Една може!“, па ајде да видиме какво е ова здружение со повеќе од 5.000 членови.

 

„Една може!“ се роди…

благодарение на мојот прв син. Пред 10 години, решив самостојно да си ја родам мојата прва љубов. Најискрено тврдам дека не можев да замислам со што жена ќе се соочи ако реши самостојно да одгледува дете во земјава. Хоророт во обид за обезбедување нормално секојдневие, јас успеав да го преточам во осмислено дејствување за подобар живот на сите деца од еднородителски семејства пред се. Ненормално ми беше и ми е, било кој/а да мора толку да се мачи за да живее достоинствено и да обезбедува достоинствен живот за своите деца.

Здружението го формирала со идеја да биде група каде што жените ќе може да си помагаат и да можат полесно да се организираат. Тоа сепак им ги отворило вратите кон државните институции и добиле свое право на глас.

Паролата „Заедно во се“…

се роди во тешки времиња за нашето здружение. „Заедно во се“, остануваме сите кои не води заедничка кауза, заедничка визија и пејзаж на животи во благосостојба за сите жени и децата.

Колку и да ми се менува животот, колку и јас да се менувам и колку и моите околности да се поразлични од пред годините, ова – „Заедно во се!“ останува за да не води кон остварување на пејзажот кој сигурно знам дека ќе се материјализира и во нашава земја, секој пат кога ќе видам како растат жените околу мене.

„Една може!“ се бори за свет со еднакви можности за сите различни. Секој кој што сака да се придружи во оваа здружение тоа може да го направи без никакви посебни услови. Достапни се на сите социјални мрежи, телефоните и мејловите на организацијата се јавни и веднаш може да се приклучат сите кои не се чувствуваат како набљудувачи на живеењето, туку кои знаат дека се креатори на сопствените и туѓите животи и истите ги преземаат во свои раце, одговорно и слободно. Убавото е во тоа што може да се вклучи било кој/а а и да се исклучи во секое време.

Имам еден омилен слоган „Ако ти се гади во стомакот кога сведочиш на неправда, тогаш си феминист/ка“ или тогаш си добредојдена, можеш да си дел од нас“ , вели Дороти.

Целта на организацијата е…

да ги извадиме државните апарати од таа хипнотичка состојба на игнорантност кон различните целни групи и да ги ставиме во нивна функција. Конкретно, работиме на креирање на мерки и политики за целната група кои би ги довеле во подостоинствена позиција. Сметаме дека ова не е џунгла па посилниот да го јаде послабиот, туку дека е општество во 21 век кое треба да биде инклузивно и во него да се негуваат сите различности, посилните да помагаат на послабите и тие улоги да бидат флексибилни, со цел сите да сме силни. Силата, моќта на уредувањето на сопствениот живот треба да биде пресликана и во уредувачките општествени односи, зошто не постои нешто како силен поединец во несилно општество. Само заедно, зајакнувајки се едни со други можеме да изградиме силно општество, каде нема да има празни чинии за ниту едно дете, а сите луѓе ќе може да си ја работат работата во која се најдобри.

Здружението брои…

над 5.000 членки и членови. Можеби целната група на малолетни и на млади самохрани мајки не е најбројната, но затоа пак е онаа која има најголема потреба од сите нас. Секоја самохрана бремена мајка која ни се обратила, најодговорно тврдам дека била обезбедена со се што е потребно најмалку за првата година по раѓањето на бебето, за среќа и со огромна благодарност на друштвената заедница, на тукушто породени мајки кои ги донираат употребените но зачувани работи од своите бебушки, на кои сум им бескрајно благодарна и чие постоење го прави подобар и мојот живот, како спроведувачка на овој тип на интеракции, зошто ми се жив доказ, дека овде сеуште има луѓе со широки срца и дека овој универзум е пријателско место за сите нас. И многу важно, дека си се наоѓаме низ животот со сличните на нас, оние кои сакаат и имаат што да споделуваат. Зошто гледам дека даваат и оние кои имаат многу материјални добра но и оние кои своето едно го преполовуваат и го делат. И едните и другите ќе добиваат тродупло повеќе отколку што дале. Сведочам на ова. И благодарна сум до сите неба што можам да уживам во овие согледби.

Младите самохрани мајки, бремените самохрани мајки, се…

нашите галеничиња и за нив секогаш сме правеле се што е во наша моќ. Прво ги прифаќаме и не ги осудуваме, ја користиме видливоста во јавноста за да им обезбедиме се што им е потребно, ги спорведуваме низ институциите за да добијат некакви евентуални мерки од социјалната заштита ако се легитимни за истите, и им нудиме бесплатни обуки за самозајкнување а тука е и платформата за самопомош преку која можат да се вмрежат и со други самохрани мајки и да си разменуваат секаков тип на добра и потребштини, а според мене најмногу, да си го зајакнат чувството на припадност, да знаат дека не се сами.

„Една може!“ често има обуки и тренинзи…

од кои две ни се „мастерпис“. Први ни се феминистичките тренинзи за родова еднаквост, кои се нестандардни, невообичаени, и како ни кажуваат учесничките, често и ги одучуваме од она кое ги учат на други места. Значи кај нас, не само што можете да научите теорија за фемнизам, закони за човекови родови права, туку можете и да си увидите што треба да одучите. Друга омилена обука ми е обуката „Економска слобода“. Таа обука е исто добар индикатор до каде сме со женските прашања. Прашањето на економско јакнење е прашање директно поврзано со пари, статус и моќ. Овде баш се гледа колку им било дозволувано културолошки и воспитно, на девојките и жените да си дозволат пристап до позиции на моќ и имање. Феноменално е да се биде дел од овие огромни процеси, среќна сум што ги започнав и сега набљудувам резултати и отворени многу портали.

Интерес за обуките секогаш има, а тоа го гледаат по бројот на пријавени кој е доста голем, но интересот за активирање и учество за жал е мал. Тоа ни покажува дека многу малку се спремни да го спрвоведат она што треба девојките и жените. Секогаш е најтежок првиот чекор, чекорот да се појавиш за себе си.

„Кога ќе почнат да се освестуваат девојките и жените, зошто не се појавуваат и не користат шанси, тогаш ќе почнат да ги менуваат игрите. Тогаш ќе бидат тука, на нашите тренинзи и обуки.“, вели Дороти.

Совет кон сите девојки кои се веќе или стануваат самохрани мајки…

е да останат во контакт со себе. Да дишат длабоко и да бидат нежни кон себе. Да си ја растат самољубовта и да се прифатат какви што се, а при тоа да се отворат за раст и развој, па секоја ќе си го најде својот пат и ќе дојде до своето време за среќа. Ова го изговарам како некоја која била таму, на нивните места. Сум била комплетно сама, со најголемото богатство во рацете и така сум ја сфатила својата моќ, да го создадам животот кој последниве години го живеам исполнет со благосостојбата која само силно сум ја замислувала пред 10 години. Еве ме, жива, здрава и нормална во главата како реткој кој/а, се будам и заспивам среќна, задоволна и исполнета со се што денес живеам, работам творам и оставам зад себе, професионално и приватно. Ова е моето време за среќа, сама си го дозволив/одобрив/создадов/искреирав, а за вашето вие мора да се подготвите сами, тоа ве чека со раширени прегратки и голема насмевка.

Тестот со две розеви црти можеби изгледа многу страшно на прв поглед, посебно ако знаете дека не знаете што ќе се случи во иднина и дали ќе имате поддршка од вашиот партнер, ама затоа тука постои ова здружение кое ни покажува дека храброста и силата на еднородителските семејства е она што ги води по правиот пат. Издишете длабоко и дајте си време да размислите што понатаму, а „Една може!“ е секогаш со отворени врати.

Матура ќе се полага во холови и спортски сали
Геоглифот кај С.Николе – ровови или македонска историја?