ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.01.2026
Досега ниту еден инфлуенсер не поднел претставка за новиот Правилник на АВМУ
Автор: Goce Author

Жестока дебата во јавноста предизвикаа деновиве новите правила што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги воведува за инфлуенсерите. Некои од креаторите на содржини реагираат дека со обврската за регистрација и плаќање надомест од 0,5 отсто, се загрозува слободата на говор и дека нивната работа неоправдано се изедначува со класичните медиуми. Некои од нив сметаат дека е срамно што државата сака да им наплаќа за нешто што го искреирале самите, без државна поддршка.

По бранот реакции, негодувања и обвинувања, Мета разговараше со директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, кој во ова интервју не кажа кои инфлуенсери учествувале во изработката на документите, но објаснува кого опфаќа регулацијата, како и зошто, според него, станува збор за правна рамка што носи поголема сигурност, а не цензура.

Photo by Collabstr on Unsplash

Кој работеше на документите за инфлуенсери? Дали во изработката беа вклучени самите тие? Ако да, кои инфлуенсери беа вклучени и дали имаа забелешки уште во самиот процес на креирање на правилата?

Неопходно е да се потенцира дека има два документи – едниот е Правилник  за физичките лица даватели на АВМУ по барање (инфлуенсери/влогери/креатори), додека другиот е Водич за инфлуенсер(к)и, влогер(к)и, креатор(к)и на содржини. Станува збор за два различни документи со различна правна природа и цел. Сите документи поврзани со работењето на овие субјекти се достапни на веб страницата на Агенцијата во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“ на овој линк. Правилникот е донесен врз основа на законска обврска пропишана во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и неговата цел е прецизно да се утврди кои физички лица ќе бидат предмет на регулација. Во овој документ се дефинирани јасни критериуми кои мора да бидат исполнети кумулативно за едно лице да се смета за давател на аудиовизуелна медиумска услуга по барање. Со други зборови, Правилникот има нормативен карактер и служи за правна сигурност, предвидливост и еднаков третман на сите субјекти на пазарот. Правилникот е изработен од Агенцијата во соработка со експерти и колеги од германското регулаторно тело, при што во текот на процесот беа вклучени и домашните инфлуенсери. Инфлуенсерите даваа свои мислења и сугестии и поединечно и на заеднички средби и дел од тие мислења и предлози беа прифатени и директно вградени во финалната верзија на Правилникот. Впрочем, нивни предлог беше бројот на следбеници да изнесува 10 000, наместо како што АВМУ имаше претходно утврдено 30.000. За разлика од Правилникот, Водичот има исклучиво појаснувачка улога и служи да ја олесни практичната примена на веќе постојните законски и подзаконски обврски, посебно во делот на заштита на малолетници, означувањето реклами, спонзорства и пласирање производи, забраната за дискриминација и говор на омраза. И овој документ е изработен од Агенцијата. Во рамките на јавната расправа која траеше 30 дена, беа пристигнати прашања и забелешки од една инфлуенсерка. За да обезбеди поголемо учество од инфлуенсерите, Агенцијата организираше и состанок на кој се дискутираше за дилемите и дополнителните предлози. Врз основа на ова, беа направени неколку измени на текстот на документот пред неговото усвојување.

Дали по објавата на документите, досега официјално некој од инфлуенсерите се обрати со рекција до вас како АВМУ? Ако да, за што поточно реагираат?

Во врска со Правилникот, досега не е доставена ниту една реакција во врска со неговата содржина. Мејловите коишто, во сè поголем број ги добиваме од инфлуенсерите и креаторите на содржини се интерес за регистрација, при што се бараат дополнителни информации и појаснувања на постапката за евидентирање во Регистарот, условите што треба да бидат исполнети и начинот на поднесување на пријавата. Што се однесува до Водичот, најчесто се бараат појаснувања во врска со неговата практична примена. Со тоа се покажува дека фокусот на засегнатите страни е ставен на усогласување со новата регулаторна рамка и навремено исполнување на обврските.

Зоран Трајчевски – Директор на АВМУ

На основа на што АВМУ ќе ја наплаќа сумата од 0,5 отсто? На кој начин беше одредено овој процент да е токму 0,5 отсто? 

Надоместокот од 0,5 отсто е директно пропишан во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поточно во член 142, што значи станува збор за законска обврска, а не за нова давачка воведена со подзаконски акт. Со исклучок на радиодифузерите за кои постои поинаков надоместок, односно тие плаќаат надоместок за дозвола, ваква обврска за надоместок од 0,5 отсто, континуирано постои за останатите субјекти коишто се предмет на регулација уште од донесувањето на Законот во 2013 година. Оттука, обврската не е ниту специфична ниту ексклузивна за инфлуенсерите туку истата стапка и истата логика на финансирање се применуваат и за кабелските оператори кои реемитуваат програмски сервиси и за давателите на услуги видео по барање.

Во еден дел од Водичот е наведено: „Видеата кои содржат пласирање производи не смеат директно да ги поттикнуваат потрошувач(к)ите да ги купуваат или изнајмуваат производите или услугите преку посебно промотивно препорачување или промовирање“. Но, токму тоа е крајната цел на компаниите, да продадат продукт или услуга преку социјалните мрежи. Како според вас, треба да изгледа едно видео кое „нема да поттикне“ потрошувач да купи некој производ? 

Оваа реченица во Водичот за инфлуенсер(к)и, влогер(к)и, креатор(к)и на содржини потекнува од член 55 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ги уредува правилата за оваа форма на комерцијална комуникација. Пласирањето производи е само еден од видовите комерцијални комуникации што можат да ги користат инфлуенсерите за да остварат приход. Другите се рекламирање и спонзорство. Секоја од овие форми на комерцијални комуникации има свои специфики, во зависност од што се формулирани и правилата кои важат за нив. Конкретно, при пласирањето производи, производот или услугата што сакаме да ги промовираме се вградени во самото дејство на видеото. Оттаму, со цел да ги заштити корисниците на услугите, како и интегритетот на самата содржина, Законот утврдува поинакви правила за овој вид комерцијална комуникација. Директното поттикнување на потрошувачите/корисниците на услугите на инфлуенсерите да купат некој производ или услуга воопшто не е забрането, но ова се карактеристики и е дозволено за комерцијалната форма рекламирање. Затоа ваквите видеа треба да се означат како рекламирање, а не како пласирање производи.  Сите овие правила произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој пак е усоласен со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.

Целото интервју на : https://meta.mk/trajchevski-dosega-nitu-eden-influenser-ne-podnel-pretstavka-za-noviot-pravilnik-na-avmu/ 

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?