ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.09.2024
Д-р. Тања Анѓушева: Случајот кога реанимивравме 13 годишно момче ќе го паметам цел живот

“Да се биде доктор е многу благородна професија, бара доста жртвување, психичка подготовка, цврсти нерви и добра ментална стабилност”-вели Тања Анѓушева, вработена во болницата “Жан Митрев” и професор на Факултетот за медицински науки при УГД.

Тања Анѓушева

Доцент доктор Анѓушева е кардиолог интензивист и специјалист по интерна медицина, ја работи и една од најхуманите професии што постојат:
“Како доктор работам долги години и можам да кажам дека да се биде доктор е најубаво чувство на светот. Секогаш кога спасувам нечиј живот како да се раѓам отпочеток. Секоја благодарност од моите пациенти за мене е најубавиот поклон кој може да го добие еден човек.”

Таа е многу посветена на своите студенти и вели дека нема пороблем да го пренесе своето знаење на студентите и дека нејзина цел е да произведе кадри подобри од неа кои ќе придонесат за македонското здравство:
“Предност е што сум професор на Универзитетот “Гоце Делчев”, што имам можност да работам со млади луѓе кои се спремни и желни за учење нови работи, кои сакаат да ги прифатат предизвиците на медицината, и што е најбитно, не сум од оние професори што не сакаат да го пренесат своето знаење на другите, напротив, сакам моите студенти во иднина да бидат подобри од мене и да придонесат за здравството во државата и да помагаат на сите луѓе.”

Суштината на медицинската професија е спасување на човечки живот, но кога се работи за детските животи предизвикот е поголем:
“Знаете, нашата професија подразбира спасување на човечки животи, но за мене професијата е повеќе од спасување животи. Случај што ќе го паметам целиот свој живот и кој остави трага врз мене е тринаесет годишното момче кое го донесоа во многу, многу лоша состојба и јас требаше да го реанимирам. Во тој момент се запрашав дали јас можам да го спасам овој детски живот. Тогаш го искористив сето мое знаење, ги контактирав сите колеги кои се во странство, го искористив сето свое искуство и успеав детето да го повратам во живот. После две недели поминати на интензивна нега, пациентот се разбуди. Во моментот кога проговори, јас го добив целиот свет на поклон.”

Добриот лекар учи цел живот, нема лекар што знае се’:
“Медицината е наука која се надоградува и се менува постојано. Секој доктор треба константно да ги следи промените и новите техники кои се појавуваат во медицината или во неговата фела. Никогаш не можеме да кажеме дека знаеме се’, бидејќи медицината се надоградува со голема брзина, не е можно да знаеме се’ во истиот момент, но можеме секојдневно да ја надоградуваме нашата професија и знаењето. Драго ми е што успеав сето мое знаење што го собирав од светот да го донесам во нашата држава.”

Љубовта кон медицината е клучна за да се занимавате со неа:
“За да работите како лекар треба навистина да бидете вљубени во медицината, бидејќи тоа не е нешто што може да се работи на сила. Бара многу внимание и одвоено време, бидејќи не треба да си доктор само 8 работни часа, туку доктор си 24/7 и нема слободно време, а без љубов кон професијата не може да се издржат ваквите притисоци.”

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите