
Државна матура во Македонија последните години не може да помине без проблеми – годинава на помалку од месец до испитите, штрајкот во ДИЦ ги комплицира работите.

Веќе недела трае штрајкот на вработените во Државниот испитен центар кој е задолжен за спроведување на државната матура. На средношколците овој исклучително важен документ им е неопходен за продолжување на образованието на некој од универзитетите. Тие се надеваат дека неизвесноста ќе заврши. Во изјава за Фактор, средношколци велат:
„Секоја година се соочуваме со некаков проблем, ова навистина е неиздржливо. Ништо не видовме од средношколските денови, пандемија, штрајкови наставниците за плати, сега штрајк на вработените во ДИЦ. Секогаш најтешкиот товар го носиме ние. Полуписмени не оставија, па само уште ова ни недостига, да не полагаме државна матура. Секој што сака да студира, овој документ е потребен, не можеме да се запишеме со училишната диплома, односно со уверението дека сме завршиле средно училиште“
Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ цени дека мора брзо да се најде решение. Ова е важно за за навреме да течат сите рокови околу испитите кои практично треба да почнат на 27 мај. Во врска со барањата на вработените во ДИЦ за платите, Павиќевиќ вели:
„Иако Сојузот сè уште нема официјално дискутирано по ова прашање, јас ќе кажам дека лично имам целосни симпатии за барањата на вработените во Државниот испитен центар. Износите на платите што ги споделија со јавноста се скандалозни и недозволиви. Станува збор за навистина мал број на вработени, што значи дека зголемувањето на платите нема сериозно да ја обремени државата. Не треба државната матура да биде доведена во прашање. Тоа ќе им наштети најмногу на матурантите, но и на целиот систем. Токму затоа апелирам надлежните институции – МОН и Министерството за финансии, да ги прифатат барањата на вработените и заеднички да изнајдат начин мирно и навремено да го решат штрајкот“- вели во изјава за Фактор, Павиќевиќ.
Синдикатот на Државниот испитен центар соопшти дека ги стопира сите процеси што се во нивна надлежност. Освен спроведувањето на претстојната државна матура, најверојатно нема да ги подготвуваат и меѓународните тестирања, обуката и испитот за директори на училишта, приправничките испити за сите наставници. Бараат повисоки плати, бидејќи поголем дел од нив го земаат минималецот од 20.100 денари