ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.12.2021
„Дух во школка“ – нова книга на Сунчица Уневска
Автор: Goce Author

Деновиве излезе од печат новата книга со филмски рецензии на познатата новинарка и филмска критичарка, Сунчица Уневска, насловена „Дух во школка“.
„Во ова ефемерно време ќе бидеме доволно ‘надмени’ да веруваме дека ефемерноста е минлива, а суштината трајна, па затоа без никаков страв или сомневање низ овој избор на филмски рецензии токму тоа ќе им го понудиме на читателите“, вели авторката Сунчица Уневска за нејзината четврта книга.
Интересно е дека според концептот се надоврзува на нејзината прва книга „Седмиот печат“.
Како што вели Уневска во својот предговор, по цели шест години од првата книга „Седмиот печат“ таа сметала дека е време за нова книга со филмски рецензии, која ќе се осврне на филмските дела од цел свет на истиот тој поинаков, есеистички начин, аналитички, суштествен, безвременски. Имено, таа овде повторно се потпира на тематскиот избор, како во првата книга, што овозможува да се опфатат бројни вечни теми со кои човекот отсекогаш е преокупиран, но се разбира сето тоа испреплетено и со актуелните теми што се обележје на денешното живеење.


Божидар Божиновски: Ако бидете гласни можеби ќе имате притисок, но животот во молк ќе ве убие


Книгата е поделена на 16 глави за кои Уневска вели дека била мотивирана токму од денешниот ефемерен пристап воопшто кон делата, обидувајќи се да направи таков избор на теми што не изминуваат, теми кои дури и кога не се видливи се тука, бидејќи во себе ги носат оние вредности што свесно или не, го одредуваат нашето живеење. Се разбира дека не можат да изгубат од значење приказните кои зборуваат за триумфот на духот, без оглед на околностите; приказните кои зборуваат за хармонијата во природата, во која е впишана целата мудрост на живеењето; темите кои зборуваат за тоа дека илузијата секогаш има цена; кои прашуваат што е она што нè дефинира, сеќавањето или духот; кои зборуваат за љубовта, за бегството, за моќта; или оние теми кои се осврнуваат на сеприсутната манипулација, овозможена уште повеќе со дигитализацијата; па сè до бесмислените војни некогаш и денес; а уште повеќе до бесмислената индиферентност кога станува збор за судбините на децата од сите страни на светот итн., итн.


(Видео) Доктор од САД и студент по медицина од Македонија напишаа медицински прирачник


А зошто и од каде насловот „Дух во школка“, кој всушност потекнува од еден футуристички филм, направен според јапонски стрип. „Школката отсекогаш имала огромно значење и носи безброј алузии, во кои човекот подеднакво може да се изгуби, но и да се пронајде. Како древен симболички објект нејзиното значење е силно и севременско“, објаснува Уневска. Првенствено, таа го симболизира безвременото и сето она што не изминува, ја симболизира моќта, мудроста, внатрешната убавина, тргнувајќи од можностите сокриени во нејзината внатрешност, од таинственоста присутна некаде длабоко во тој сокриен свет, тргнувајќи од звукот, од симетријата, од нејзината мистичност и траење.
Поради состојбата со коронавирусот промоцијата е планирана за пролетните месеци.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?