

Photo by Martin Sanchez on Unsplash
Епидемиолошката ситуација во Македонија беше една од темите на онлајн средба со новинарите, која ја организираше Регионалната канцеларија на Светската организација (СЗО) за Европа во соработка со НВО Инфоцентарот. Епидемиологот Драган Кочински од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави статистички податоци за состојбата со Ковид 19 во земјата, а еден од најкарактеристичните беше дека досега две лица по третпат се заразиле со Ковид 19, а по вторпат тоа им се случило на 953 лица.
Говорејќи за реинфекциите, Кочински кажа дека од двете лица кои по третпат се заразиле со коронавирус, едното лице има хронична бубрежна болест и е на дијализа, со намален одговор на телото кон болеста. За другиот случај на зараза сѐ уште не е готова епидемиолошката анкета.
„Во однос на реинфекциите, присутни се сите возрасни групи, нема некое правило дали некој помалку или повеќе се заразува. Повеќето се со коморбидитети, а мислам дека досега се пријавени 7 смртни случаи од реинфекциите“, рече д-р Кочински.
Кога станува збор за останатите статистички податоци, очекуван е податокот дека годинава се забележани повеќе случаи во однос на минатата година. Во 2020 се регистрирани 83.734 случаи, од нив 2.904 се починати (3.47 отсто). Во 2021, заклучно со 7 декември, регистрирани се 134.460 заболени, а од нив 4.784 се починати (3.56 отсто).
Во текот на целата пандемија, од првиот пријавен случај на заразен со корона вирусот во Македонија (26.02.2020), најголем број на нови случаи во еден ден се регистрирани на 30.03.2021 година, 1512, а најмногу починати во еден ден една недела подоцна – на 08.04.2021, 49 починати.
Што се однесува до најголемата бројка на направени тестови, во август годинава во еден ден биле направени 9296 тестови.
Во однос на возрасната група, најмногу подложни на заразата се лицата над 60 години, а втора возрасна група во овој поглед се лицата од 30 до 39 години.
Случаите на заразени бремени жени исто така привлекуваа внимание во текот на пандемијата, а во Македонија досега вкупно 973 бремени жени биле заразени со корона вирусот, од нив починале 7.
Кај здравствените работници, 6085 се заразиле, починале 24.
Процентот на лица опфатени со имунизацијата, вакцинирани со две дози вакцина е 39.1 % кога се гледаат лицата од над 12 години, додека ако земат предвид лицата над 18 години, тогаш процентот на имунизација е 48 %.