ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
22.03.2023
Еден од најдобрите студенти на Правен Факултет: Краток разговор со професорката после испит ми ја дефинираше кариерата

Мартин Алексов важи за еден од најдобрите студенти кои дипломирале на Правен Факултет при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип и на студентите и неговите колеги тој им посочува неколку совети кои ќе им го олеснат студирањето.

Моментално, Алексов е сопственик и управител на две фирми од кои едната е за производство на лична заштитна опрема, поточно заштитни маски од типот IIR, FFP2 и FFP3, а другата е во областа на органски природни пијалаци на база на ѓумбир. Дополнително, како магистер во областа на индустриско право тој им помага и на компаниите во Европа во стратегиите за заштита на трговските марки и индустрискиот дизајн.

Мартин Алексов

Рецептот за успех се состои од многу работа

За Алексов, не постои голема филозофија околу рецептот за успех и истиот се состои од љубов и ставање  посебен акцент на вложениот труд и работата. Негово мото по кое се водел во текот на студиите , а и ден денес е дека сѐ се случува со причина.

„Верувајте во себе и во своите инстинкти. Опкружете се со луѓе што ве буткаат нагоре и ослободете се од негативните енергии. Главата горе и борба. Бидете свесни дека и доброто и лошото поминуваат, а сѐ во животот е искуство. Повеќе насмевки, помалку зборување и никогаш откажување од зацртаната цел, но не заборавајте дека животот е процесот до постигнување на вашите цели, а не самата цел.“, вели Алексов.

Најголемиот предизвик сте си самите на себе

Навидум контрадикторно, но најголемиот предизвик со кој се соочил Алексов бил самиот со себе. Тој верува дека кога човек ќе се запознае самиот себеси и ќе почне да владее со своите позитивни и негативни страни, сите останати неправди, измами, нелојална конкуренција, дискриминација и погрешни луѓе стануваат нормални и очекувани препреки во работата и животот. Од денешна перспектива, правникот е среќен што се соочил со истите премногу млад. Секој предизвик, според него е нова лекција која ќе ве направи посилни и поуспешни индивидуи.

Еден мал момент на факултет може да биде пресуден

Студентите се млади луѓе кои лесно учат и нивните професори можат да им бидат големо влијание. Токму тоа се случило со Алексов.
Според него, најважните совети кои ги добил од професорите биле во текот на предавањата или испитите. Па така, тој на студентите им порачува да се подготват однапред за предавањата кои следат и да поставуваат многу прашања. Со таквата метода, тој смета дека нема да останат нејаснотии и ќе биде полесно да се следи континуираното учење. Уште еден трик кој му помогнал да ги постигне успешните резултати е релаксирањето ден пред испит. Алексов тврди дека денот пред испит не е за учење, туку за одмор и психичка подготвеност за она што ве чека.

„Никогаш нема да го заборавам испитот по трговско право кај Професорката Борка Тушевска и разговорот после испитот. Тој ден, на дваесет години, конечно знаев како понатаму во мојата кариера. Професорката Тушевска ми го покажа правецот, а Професорката Кристина Мишева ми помогна да ја донесам одлуката. Уште еднаш, им благодарам. Затоа на студентите им порачувам дека никогаш не е доволно. Секогаш можете подобро. Бидете уште повеќе посветени, поставувајте повеќе прашања, дружете се повеќе со професорите и колегите и учете за 12ка, за кога ќе добиете 10ка, да не ви биде криво.“, вели Алексов.

Книгите имаат голем импакт врз успешната кариера

Алексов верува дека читањето на добра и корисна литература може да го промени менталитетот и да ве направи поуспешни. Затоа на студентите тој им ги препорачува неговите омилени книги.

АНКЕТА: Дали некогаш сте биле цел на сајбер напад?
Ако македонскиот јазик се развиваше денес
Сними видео, испрати порака – борбата против сајбер насилството започнува од тебе!