ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.12.2021
Ефтим Трајчов Ѓаурски: На младите не им треба порака, им треба поддршка!

Ефтим Трајчов Ѓаурски, од 2003 година на сцената на Народниот театар Штип, со бројни улоги, со доволно искуство и доволно желба да работи со млади кои сакаат да влезат во светот на актерството, за goce.mk зборува за младите и актерството, за тоа зошто станал актер, за чувството по добра претстава, за проклетството на професијата, за односот кон сопствената професија, за тоа што би бил ако не е актер…

Како треба да се поставиме кон младите кои сакаат да станат актери?

Многу е битно уште од млaди да им се посвети внимание на тие млади луѓе , затоа што не сте свесни колку таленти имаме. Еве во Штип, јас сега имам чест и задоволство да работам во драмско студио кое е мое, со млади умови. Талентот кој што тие го поседуваат, ентузијазмот, љубовта, исчезнува со текот на годините во нашето општество…и сега замисли да не сум јас, или да не е некој друг, или да не е некој трет, во други градови, да не го работи ова, или ние како институција да не им обрнеме внимание, ќе исчезнат тие! Може нема сега сите да се занимаваат со оваа професија, но ќе им помогне, ќе им се дефинираат животите. Со моето драмско студио направивме две претстави со кои отидовме на 5-6 фестивали на кои освоија награди децата, еве последно со „Стјуардеси“ еден актер и една актерка освоија награди на Аматерскиот фестивал во Кочани, со кои им се дефинираа животите. Солзите кои ги имаа нивните родители после премиерата, кажуваат многу…затоа што нивните животи се битни, значајни, нив публиката веќе ги бара… 

Што е пресудно за некој да посака да стане актер? Зошто Ефтим е актер?

Јас работам со средношколци, тоа е тој период кога одлучуваат. Јас се сеќавам дека во втора година ми скисна од излегувања и ноќни главења, и си реков „треба да правам нешто значајно“…отидов во театарот, тропнав, сакам да работам театар. Имав страшна потреба преку мојот психофизикус да бидам некој кој што во животот нема да го доживеам, значи да доживеам емотивни состојби, на сцена, кои што можеби во животот никогаш нема да ги доживеам! А тоа ни го нуди театарот, таа временска машина која не враќа напред и назад, и отидов, почнав да работам и од тогаш не сум престанал, тоа е уште од 2003 година…

Дали финансискиот момент, тоа колку се платени актерите е пресуден за интересот за културата, театарот, глумата….

Ако ме прашаш мене зошто јас се занимавам со оваа професија, мене не ми беше предизвик платата. Јас кога бев средно платата беше ниска. Ако тоа ми беше предизвик, досега ќе си отидев од оваа држава. Ти реков пред малку, пред десет години ме прашаа каде се гледам себеси – реков во Македонија и во македонскиот театар, тој да биде број еден театар во Европа. Но се зависи од сите нас во колективот, не зависи од еден човек, значи од амбицијата наша, колективна. Нормално е да не сме сите исто амбициозни, нормално е сите да не сме исто вредни, но треба да се прифаќа убавата енергија која води кон просперитет. Која е целта моја , ако јас не извадам продукт…мојот продукт е улогата, претставата која сум ја направил, и ако оваа претстава остане само во Штип, која е мојата цел? Која е мојата амбиција? Да работам за плата? Што ќе ми е таа плата? 

Порака до младите…

На младите не им треба порака, им треба поддршка. Тие имаат желба, имаат мотивација, имаат ентузијазам, имаат љубов, но сето тоа со текот на времето како стареат и како влегуваат во институциите, тоа гасне и се потиснува. За жал, не сме поставени ние на државно ниво стабилно, и не чејкориме сигурно, така да, тука го наоѓам проблемот.

Може ли некој што не влегол во театар, да биде актер, што не влегол во културна институција, да работи во културата

Имаше една шега пред повеќе години, нели се распределуваа луѓе од различни институции во културата, и колегата Милорад Ангелов на шега кажа „Што да те ставиме? Можеш актер?“ Вели –Допрва ли сега, на овие години…“ Демек, не е проблем… Да, во Холивуд функционираат и без академија, имаат талент, ама работат и учат од големите режисери, и ти со тоа се градат. Да го земеме Леонардо Ди Каприо, тој нема академија, ама учел од големите режисери…Еве да ја симплифицираме работата – некој ќе рече „Е, што правите вие таму, се глупирате на сцената…“ Слободно. Дојди. Дали знаеш што се случува на сцената? Јас можам како актер, да не дадам ништо во улогата, а можам да дадам повеќе од што можам, да се надминам себеси, пак е индивидуално. Затоа прават разлика кој е добар актер, кој  не е, и зошто нешто е добро, а нешто не е. Се зависи од твојата ангажираност и посветеност кон својата професија, дали ја сакаш доволно, тоа е тоа! На сцена, трипати поинтензивно живееме, и трипати повеќе трошиме животна енергија отколку во животот. Емоцијата која ја вадиш, која треба да ја преживееш низ себеси, комплексноста на задачата да доловиш лик кој е вистиснки и не е вистински, треба ти да го измислиш и треба публиката да ти поверува на крајот на краиштата…и на крајот кога ќе се случи таа фасцинација во публиката, кога ќе им пренесеш енергија, кога ќе им ги стоплиш срцата, кога ќе се шокираат што ти си направил како човек индивидуа, тоа не се купува со никакви пари, тоа не може никој да го направи освен тој талентиран поединец на сцената…

Во комплетното интервју кое можете да го видите во продолжение, ќе дознаете и што би бил Ефтим Трајчов Ѓаурски доколку не е актер, со која актерка не би снимил сцена затоа што е премногу згодна, за кој клуб навива, дали би пропуштил театарска претстава на пример за вечер со Моника Белучи…..

Балканска олимпијада по информатика од 20-26 септември во Охрид
„Студентски отпор“ реагира на новите повисоки трошоци за студирање