Емилија Андонова: Жените може да се носат со секој бизнис многу подобро од мажите
За да се биде претприемач, постојат особини на личноста кои треба да ги поседува, но дали жените може да се носат со секој бизнис подобро од мажите? Повеќе претприемачи се мажи, но денеска се почесто среќаваме и жени претприемачи. Во моментов има над 12 милиони мали бизниси предводени од жени во САД.
На оваа тема поразговаравме со Емилија Андонова, Програмска менаџерка во Фондација за Менаџмент и индустриско истражување.
Емилија Андонова
Емилија е дипломиран политиколог. Во досегашната професионална ориентираност работела на многу Европски и странски проекти. Секогаш црпела инспирација за експертизата научена од своите странски колеги, со цел истата да ја донесе и во Македонија.
- „Најлесно да ја опишам Емилија односно себеси ми е преку работа. Поборник за еднакви права, ентузијаст за промени и вечито позитивист дека нештата се случуваат баш како што треба да бидат.“, вели Емилија за себе.
Емилија е дел е од неколку платформи, сојузи и мрежи вклучувајќи и различни работни и тематски групи за развој на женското претприемништво.
- „Приказната поврзана со работата која ја работам денеска, започнува уште од студентските денови. За време на моите студии по Политички науки на Правниот факултет во Скопје активно се вклучував во невладиниот сектор волонтерски во студентски организации и во организации за поддршка на жените. Бев во контакт со многу бизнис жени на кои секојдневно им беа потребни помош и услуги, но и насоки за својот бизнис.“
Напорите на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување кои ги прави долги години за поддршка на развојот на женското претприемништво во нашата државата и Европа се со големи размери. Започнале во 2011та година како дел од европската мрежа на ментори за жени претприемачи, продолжиле како членови на Секторската група за Женско претприемништво при Европската Комисија, фокусирајќи се пред се на градење на капацитети и интернационализација на бизнисите управувани од жени.
Од секогаш постоело некое непишано правило дека мажите се подобри претприемачи од жените, па со кои проблеми најчесто се соочуваат жените кои сакаат да бидат претприемачи?
- „Жените може да се носат со секој бизнис многу подобро од мажите бидејќи помалку ризикуваат и полесно се справуваат со предизвиците со кои се соочуваат. Секој почеток е тежок, а уште потешко е да се започне свој бизнис ако си жена. Најчестите предизвици со кои жените мора да се соочат на почетокот е немањето доволно финансии за започнување на свој бизнис. Уште потешко е немање имот на свое име со кој би можеле да земат и кредити за покренување на својот бизнис. Оттука, тие се соочуваат со проблем кога аплицираат за заеми поради недостаток на средства за залог. Според истражувањата во изминитатите години се покажува дека жените кои поседуваат и водат бизнис добиваат ,многу помалку финансиски средства во споредба со сумата која ја добиваат мажите. Глобално гледано, се очекува жените да играат поголема улога во домаќинството и да се грижат за семејството.“
Кои се предизвиците на младите кои почнале сопствен бизнис?
Поседувањето и водењето бизнис значи долги часови работа, па рамнотежата помеѓу работата и семејниот живот може да биде вистински проблем за жените претприемачи. Во случаи каде мајките работат, грижата за децата одзема многу време и енергија, оттука тие често пати се приморани да го стават развојот на бизнисот на второ место. Недостатокот на вештини, информации и потребните ресурси да се води бизнис може да ги намали нивните шанси да го претворат бизнисот во успех. Токму сите овие предизвици се примери за големината која ја носат сите жени претприемачки во водењето на своите бизнис пред се носејќи ги различните капи во општеството.
Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување, организира различни обуки за градење капацитети на компаниите, јавните институции и граѓанските организации на полето на иновациите, трансферот на технологии, циркуларната економија, претприемништвото и развојот на МСП, родовата еднаквост, јавни политики и проектен менаџмент, како и можност за онлајн едукација.
- „Нудиме бројни можности за вмрежување и размена на добри практики преку нашите тематски конференции, б2б настани, панел дискусии, форуми за иновации и годишни саеми за претприемништво. Организираме тренинг академии за започнување на бизнис наменети за млади претприемачи и старт-ап компании. Нашата тренинг академија за развој на женското претприемништво е наменета за унапредување на вештините за бизнис поддршка, застапување и лобирање, креирање политики, финансиска писменост и олеснување на пристапот до финансии.“
Каков совет ќе им дадеш на сите млади девојки кои размислуваат дали да започнат да се занимаваат со претприемништво?
- „Самото тоа да се има свое нешто и да се негува тоа нешто е многу олеснителна работа како за полесно справување со времето и организација на животниот баланс и обврски во домот и во работата така и за креирање нешто во кое се верува и се негува. Почетокот е тежок, соочување со проблеми, недостиг на информации, недостиг од знаење за каде да се аплицира и како да се имплементираат програмите може да биде предизвик на самиот почеток при започнување на идеја за креирање на бизнис. Јас сум позната по тоа што прашувам многу па ги натерала сите девојки кои размислуваат да имаат нешто свое да размислат на почеток дали е тоа идејата која ја сакаат и дали е тоа нешто што сакаат да го работат секој ден, ако нешто вистински те исполнува и те прави среќен тоа нешто нема да ти претставува работа туку задоволство за цел живот. Доколку одговорот е да тогаш би ги советувала да земат поголем ризик, да посетуваат повеќе обуки, да најдат ментори кои ќе ги водат низ целиот процес и секако нели да веруваат во себе.“
Емилија е една од клучните програмски координаторки во рамките на Фондација за Менаџмент и индустриско истражување одговорна за управување со одделот за економски развој, со искуство во креирање на услуги за поддршка на бизнисот и иновации.
- „Со креирањето и имплементацијата на Националната платформа за женско претприемништво сакаме нашето и искуството на сите наши соработници да го примениме во процесот на развој и креирање на политики и реформи, да извршиме олеснување на структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни, да ги подобриме капацитетите на граѓанските организации кои поддржуваат женско претприемништво како и да јa зголемиме видливоста за жените претприемачи како двигатели на промени во економската политика.“, завршува оваа млада дама.
Можеби ќе ве интересира