Превозниците во авио сообраќајот ги зголемиле емисиите на стакленички гасови за 25% во споредба со 2019 година, покажуваат анализите.
Во 2023 година, имало околу 300.000 товарни летови повеќе отколку во 2019 година, што претставува зголемување за речиси 30%. Соединетите држави сочинуваат повеќе од 40% од глобалните емисии од воздушниот товарен транспорт, според извештајот на кампањата на групата Stand.earth .
Д-р Девјани Синг, еден од авторите на анализата, го опиша зголемувањето на емисиите на гасови како „нова закана по околината и здравјето на луѓето“ и ги повика компаниите „да престанат да се потпираат на воздушниот товарен транспорт и да ги префрлат пратките на транспорт со помала количина на јаглерод, како што се поморскиот или железница“.
Авионскиот товарен транспорт произведува околу 80 пати повеќе јаглерод од транспортот по море или камион, што го прави еден од најлошите по околината.
Истражувачите го припишуваат зголемувањето на промените во економијата после пандемијата и промената во начинот на купување. Сите се префрлија на електронско купување и брзата испорака стана стандард.
Истражувачите велат дека пред пандемијата „Ковид-19“, авионскиот превоз бил резервиран најмногу за расипливи стоки, испораки чувствителни на време и луксузни предмети. Сепак, прекините во синџирот на снабдување од ерата на пандемијата доведоа до невиден пораст на превоз на стоки кои не се расипуваат и со помала вредност.
Исто така пред пандемијата, товарот често се превезувал во делот за товар на патничките авиони. Намалувањето на побарувачката на потрошувачите за меѓународно воздушно патување за време на пандемијата доведе до проширување на флотите само за карго транспорт на стоки. После пандемијата ова не опадна, пишува Гардијан.