

20 студенти од Италија, Шпанија, Полска, Турција, Германија и Словачка преку Еразмус плус програмата во наредниот период ќе студираат на УГД, но и ќе ги запознаваат Штип и Македонија.
Некои од нив за УГД дознале од листата на универзитети со кои нивната институција имала соработка, но дел од нив дознале по препорака на колеги кои веќе престојувале на УГД. Да стекнат нови искуства, да ја искусат традиционалната кујна, да се уверат во пријатноста и гостопримливоста на народот во Македонија, да создадат спомени, паралелно со добивањето занење на УГД, се очекувањата и желбите на младите студенти.

– Тие ќе имаат можност да ја следат наставата онлајн, но и да имаат состаноци со професорите.Како Одделение за меѓународна соработка ќе се потрудиме да им понудиме повеќе содржини и настани, за овие студенти да се чувствуваат како дел од оваа навистина добра програма. Најмногу студенти има на Факултетот за медицински науки, но и на Машинскиот, на Информатика, Филолошкиот, Факултетот за образовни науки и на Економскиот и Правниот факултет – изјави м-р Сања Стефанова од Одделението за меѓународна соработка на УГД.
Што се однесува на студентите од УГД, оваа година 30 студенти одат на Еразмус размена, некои од нив веќе заминаа на европските универзитети кои ги избраа.