ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.04.2026
Ева Давкова: Градам бренд и го живеам својот сон

Ева Давкова е млада дизајнерка од Штип која своето високо образование го завршила во Милано, Италија. Денес, Ева го гради својот бред „Deva Illustrations” и креира необични и уникатни парчиња облека.

Желбата на Ева да навлезе во модниот свет потекнувала уште од најмали години и се креирала во текот на самото детство. Таа денес е горда што останала доследна на својата детска визија и имала можност да го живее својот сон.

Ева Давкова

„Одлуката да студирам во Италија беше сосема природна, имајќи предвид дека станува збор за еден од најзначајните глобални центри на модата. Милано веќе шест години е мој втор дом,  град кој не само што ми овозможи квалитетно образование, туку и ме обликуваше како личност. Неговата динамика, енергија и креативна средина ми овозможија да бидам опкружена со амбициозни и инспиративни луѓе.

Во Италија, модата е длабоко вкоренета во секојдневниот живот и култура. Се негува чувство за естетика, квалитет и индивидуален израз. Стилот е истовремено префинет и автентичен, со големо внимание кон деталите. Кај нас постои потенцијал, но често се чувствува воздржаност и влијание од општествените норми, наместо слободно изразување на личниот стил. “, вели Ева.

Ева: Модата е комплексна индустрија која бара континуирано учење и специјализација

Инспирацијата за своите креации, Ева ја црпи од патувањата. За неа, секое ново место носи нова инспирација која ја преточува во нејзините креации. Дизајните, Ева не ги гледа само како парчиња облека, тие претставуваат уникатна приказна, емоција и идентитет.

Стремежот и целта на Ева е да создаде дизајн кој ќе остави впечаток. Иако ги следи модните трендови како референца, сепак не се целосно ограничува на нив.

„Избирам одредени елементи кои се релевантни, но мојот фокус останува на создавање безвременски дизајн – парчиња кои ќе опстанат надвор од сезонските циклуси и ќе задржат своја естетска и функционална вредност.

Градењето на брендот го гледам како внимателен и долгорочен процес. Фокусот го ставам на развивање јасен визуелен и концептуален идентитет, каде секое парче има своја улога и значење. Автентичноста, квалитетот и конзистентноста се клучни вредности врз кои го темелам моето работење.“. вели Ева.

Повик за млади дизајнери: Шанса за настап на Shtip Fashion Days 2026

Како модна дизајнерка, еден од предизвиците со кои се соочува е потрагата по менторство и знаење. Сепак, Ева имала можност да биде дел од разни проекти во модната индустрија.

„Во рамки на проектот „Nordic-Baltic Story“ имав можност да разменам искуства со колеги од скандинавските земји, каде што љубопитноста и поставувањето прашања се гледаат како вредност. Кај нас, за жал, често постои спротивен пристап.Модата е комплексна индустрија која бара континуирано учење и специјализација, и токму затоа е неопходна поддржувачка средина за младите креативци.“, вели Ева.

Три типа матура ќе полагаат средношколците годинава
ЕУ воведува апликација за проверка на возраст: крај за „лажирањето години“ онлајн?