ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.11.2025
Евроскептицизмот кај младите во Македонија во пораст
Автор: Goce Author

Евроскептицизмот кај младите во Македонија е во пораст, половина од нив не веруваат дека државата некогаш ќе стане дел од ЕУ.

Поголемиот дел од младите во државата имаат позитивен став кон Европската Унија, но речиси половина од нив не веруваат дека државата некогаш ќе стане дел од Унијата. Ова укажува на зголемен евроскептицизам кај младите во земјите кои се кандидираат за членство во блокот, според публикацијата насловена како „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западен Балкан: Случајот на Северна Македонија”.

“Овој јаз помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици, ја формира основата на евроскептицизмот кај младите.”

Поради ова, потребна е итна, координирана и долгорочна акција помеѓу партнерите во земјите кои се кандидираат за членство во ЕУ. Оваа акција треба да ги препознае младите како креатори, а не само како публика, да ги отстрани економските и институционалните пречки, да ги поврзе младите со конкретни европски програми и платформи, и да ја направи комуникацијата на ЕУ релевантна, двонасочна и транспарентна, се наведува во публикацијата.

Во публикацијата се истакнува дека младите луѓе во земјата не се пасивни набљудувачи, туку активни учесници кои бараат простор, перспектива и партнерство.

“Европа нема да биде комплетна без нив, а процесот на проширување нема да успее без нивно значајно вклучување”, се нагласува во документот.

Евроскептицизмот е резултат на јазот помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата

Се оценува дека постои значителен потенцијал за брзо и одржливо подобрување на довербата меѓу младите од земјите кандидати за членство во процесот на пристапување кон ЕУ. Голем дел од решенијата се наоѓа во континуирана соработка и партнерство во спроведувањето на младинските активности меѓу националните институции и телата на ЕУ, со јасни можности за сите млади луѓе да бидат вклучени во дизајнирањето и спроведувањето на ваквите програми и активности.

Извештај на ЕУ: Македонија мора повеќе да инвестира во младите и образованието

За потребите на публикацијата, кон крајот на јуни 2025 година, во соработка со студентската платформа „Студентарија“ беше спроведена анкета со 1.000 млади луѓе од земјата, од кои 81,5 проценти се студенти на додипломски или постдипломски студии. Ова беше дел од пошироката анализа на ставовите на младите кон Европската Унија, изработена со учество на Институтот за добро владеење и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) од Скопје, Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и либералната Фондација „Фридрих Науман“.

Како што се посочува во публикацијата, оваа онлајн анкета го потврдува постоењето на евроскептицизам кај младите, различните очекувања во врска со членството во ЕУ, како и голем број можности и активности што можат да ги преземат националните институции и институциите на ЕУ во соработка со младите.

41% млади имаат позитивни мислење за ЕУ, останатоте со евроскептицизам – 24% негативно, 35 % неутрални

Според анкетата, 41 процент од младите во земјата имаат „позитивно“ мислење за Европската Унија, 24 проценти имаат „негативно“ мислење, додека речиси 35 проценти изразуваат „неутрален“ став кон блокот.

Ваквите резултати јасно покажуваат дека има потреба од проактивно ангажирање и дека постои недоволна поврзаност со вредностите на ЕУ, се наведува во документот.

Во однос на иднината на земјата во ЕУ, истражувањето покажува дека 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на ЕУ, додека 35,8 проценти веруваат дека членството е можно, но во далечна иднина.

Само 6,7 проценти сметаат дека државата ќе може да стане членка на ЕУ во следните пет години, додека 11 проценти не знаат или немаат мислење за ова прашање.

Кога станува збор за причините кои ги сметаат за најголема пречка за интеграција на земјата во ЕУ, дури 84,6 проценти од испитаниците ја посочиле „корупцијата“. По неа, со 61 процент следуваат „билатералните спорови“, а со 60 проценти „ниската доверба во институциите“.

Фото: Iduep

“Ова јасно покажува дека младите го препознаваат домашниот политички амбиент како клучна пречка за напредок на земјата кон ЕУ, а воедно изразуваат очекување за конкретни чекори од националните институции за борба против корупцијата како основа за подобрување на условите за живот и задржување на младите луѓе во земјата”, се вели во публикацијата.

За евроскептицизмот големо влијание има домашниот политички амбиент – корупцијата сепак број еден

Младите луѓе во земјата сметаат дека се „доволно информирани“ за вредностите и политиките на ЕУ, според анкетата. Вакво мислење имаат 53 проценти од анкетираните, додека 22 проценти изјавиле дека се „многу информирани“, а 21,5 проценти дека се „до некој степен информирани“. Само 3,5 проценти од анкетираните изјавиле дека „воопшто не се информирани“ за вредностите и политиките на ЕУ.

Во врска со тоа што најмногу ги интересира младите во државата во однос на ЕУ, дури 76,2 проценти ги навеле можностите за работа и живот во Унијата. По ова следуваат програмите за образование и млади, како што е Еразмус+, со 55,1 проценти, а на трето место со 50 проценти е заштитата на човековите права. Дополнителните области во интерес на младите поврзани со ЕУ ги вклучуваат заштитата на животната средина со 48,1 процент, дигитализацијата и иновациите со 44,5 проценти и културната размена со 32,2 проценти.

Истражување: Над 60 отсто граѓани поддржуваат пристап кон ЕУ, пад од 20 отсто на перцепцијата за влијанието на САД во споредба со лани

Интересен факт е дека околу 60 проценти од испитаниците оцениле дека членството на земјата во ЕУ нема да ја намали емиграцијата на младите.

На прашањето „Доколку ви се пружи можност, дали би сакале да учествувате во дијалог со претставници на ЕУ“, позитивно одговориле 41,6 проценти од испитаниците, што укажува на отвореност на младите за директна комуникација и ангажман, се наведува во публикацијата. Од друга страна, 30,5 проценти од испитаниците изјавиле дека се против учество во таков дијалог, а 27,9 проценти рекле дека во моментов не се сигурни околу одговорот на ова прашање.

Само 8,2 проценти од младите луѓе во земјата веруваат дека таа ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години

Според анкетата, повеќе од 70 проценти од анкетираните изјавиле дека се „општествено неактивни“, а само околу осум проценти изјавиле дека учествуваат во политички или граѓански иницијативи, што според публикацијата покажува широко распространето чувство на немоќ во услови на тековните реформски предизвици.

Фото: Iduep

“Овие резултати уште еднаш истакнуваат дека постои значаен простор за проактивни мерки предводени од ЕУ за стимулирање на дијалогот со младите од земјите кандидати за ЕУ”, се заклучува во публикацијата.

Само 8,2 проценти од младите луѓе во земјата веруваат дека таа ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години, што испраќа јасен сигнал до домашните институции и носителите на јавни функции да преземат конкретни мерки за брзо враќање на довербата во европската перспектива и целосно решавање на причините за евроскептицизмот кај младите, се наведува во публикацијата.

“Анкетата го потврдува присуството на евроскептицизам кај младите, а во исто време нагласува голем број можности и активности што можат и треба итно да ги преземат националните институции и институциите на ЕУ во соработка со младите луѓе и нивните организации”, се наведува во публикацијата.

Анкетата го потврдува присуството на евроскептицизмот кај младите

Во публикацијата се оценува дека за успешно продолжување на земјата на својот европски пат, од суштинско значење е да се поттикнат инклузивни механизми за вклучување на младите во демократскиот живот.

65% од младите од ЕУ се информираат преку социјални мрежи

“Ова вклучува зајакнување на младинските центри, формализирање на партиципативните канали и интегрирање на младите луѓе во процесите на креирање политики. Институциите на ЕУ ставаат силен акцент на активното вклучување на младите како камен-темелник на демократската отпорност, социјалната кохезија и одржливиот развој. Напорите за зајакнување на довербата во институциите и борба против корупцијата остануваат подеднакво важни во справувањето со основните причини за јавниот скептицизам и унапредувањето на перспективата на земјата за членство во ЕУ”, се посочува во документот.

Публикацијата беше промовирана минатата недела во Брисел, а кон крајот на месецов е предвидена нејзина промоција во Скопје. Предвидено е публикацијата да биде презентирана пред дел од пратениците во Парламентот и пред граѓанскиот и младинскиот сектор во земјата, како и да биде доставена до владините институции и претставници.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?