ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.11.2025
„Феминизам кој потфрла“ – кампања за родова еднаквост
Автор: Goce Author

„Феминизам кој потфрла / Failed Feminism“ е кампања на младите од волонтерската организација ХЕРА, по повод започнувањето на глобалната иницијатива „16 Дена активизам за борба против насилство врз жените“.

Кампањата е критичка реакција на долгогодишните институционални пропусти во превенцијата и заштитата од родово засновано насилство, и јасно порача дека кога реформите се сведуваат на симболика, последиците ги носат жените, девојките и маргинализираните заедници. Преку видеа, лични приказни, подкасти и герила-интервенции, младите бараат суштински, а не декларативни промени.

Фото: HERA

„Феминизам кој потфрла“ е јавно предупредување дека институционалните пропусти, политичката неамбициозност и нормализираното игнорирање на женските искуства создаваат реална, опасна и скапа празнина меѓу ветената и вистинската еднаквост. Кампањата беше започната со акција на кампусот при УКИМ, која преку силни визуелни пораки го отвори прашањето: што точно славиме кога велиме дека сме родово еднакво општество?

Изминатиот период сведочевме многу фемициди, кои доколку се случуваат откако е пријавувано насилството а институциите  затајуваат да ги заштитат жртвите, се всушност системски форми на родово засновано насилство и дискриминација кои остануваат маскирани зад статистики што ретко ја кажуваат вистината. Бројките и искуствата од терен покажуваат поинаква слика од официјалните наративи.

Фемицидот тешко се препознава во новинарските текстови

Образовните институции и медиумите често продолжуваат да ги репродуцираат старите стереотипи. Во формалното образование се уште нема имплементација на наставни програми кои нудат информации за превенција, препознавање и пријавување на насилството, рушење на родовите стереотипи, грижа за сексуалното и репродуктивното здравје како и информации за адолесцентските врски и односи.

„Феминизам кој потфрла“ упатува јасен повик: да се изгради систем кој не се потпира на симболика

Сервисите за заштита често се недостапни, недоволни или воопшто не функционираат за девојките и жените, а особено за оние од маргинализираните заедници, бидејќи економската, а и секоја друга нееднаквост продолжува да го диктира пристапот до безбедност, здравје и можности.

Младите активистки гласно повикаа на суштински реформи и одговорно постапување на институциите по законите.

Исто така повикаа на следење на кампањата на социјалните мрежи на ХЕРА која содржи: видеа, истражувачки содржини и куса документарна продукција, со цел да се разобличат митови, да се отвори критички дијалог и да се понудат конкретни препораки за институционални промени. „Феминизам кој потфрла“ упатува јасен повик: да се изгради систем кој не се потпира на симболика, туку обезбедува реални механизми за заштита, отчетност и еднаква распределба на моќта.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки

Родовата еднаквост не е трошок, ниту тренд. Таа е услов за функционална демократија, здрави заедници и одржлив развој. Затоа, кампањата бара суштински реформи, зголемена институционална отчетност и политички одлуки што ќе ги стават женските права во центарот на јавните политики, секој ден, а не само за време на „16 Дена Активизам“.

Кампањата е дел од пошироките напори за критичко преосмислување на феминизмот, неговите успеси и неговите неисполнети ветувања. ХЕРА и младинската група ги повикуваат сите институции, медиуми и граѓани да придонесат кон општество во кое женските права не се симболика, туку реалност.

Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап
Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија