„Љубовта кон музиката мислам дека ми е наследна. Ме привлекувала уште од многу рана возраст, а подоцна кога почнав да слушам рок групи свесно одлучив и ја зацврстив мојата желба музиката да ми биде животна професија.“, вели Филип Јездиќ, музичар од Прилеп.
Филип Јездиќ
Филип е музичар кој што свири во повеќе авторски и cover групи како Chromatic Point, Lucent, Eruption, High Start, Peaches, The DAF Project, а денеска младите го препознаваат по своето солистичко ЕР, каде што во четири композиции тој ги свири сите инструменти. Како научил да ги свири инструментите и што е карактеристично за овој млад музичар ќе ни открие самиот.
- „Тапаните се мојот главен инструмент. На 5-6 г. почнав да имам интерес интерес за удирачките инструменти. После 3 г. кога се запишав во музичко училиште паралелно почнав да свирам пијано и ги научив првите акорди на гитара. Потребно е многу работа и вежбање доколку сакате да бидете добар инструменталист на било кој инструмент. Свирењето тапани за мене беше многу природно бидејќи ја имав основната координација на екстремитетите без да вежбам, како и многу други тапанари.“
Филип Јездиќ
Композициите од неговото солистичко ЕР се снимени во текот на две години, а вели дека „главен виновник“ е слободното време кое што го имавме за време на пандемијата.
- „Кога почна пандемијата сите бевме со месеци затворени дома. Имав премногу слободно време па сакав да снимам моја авторска музика, настрана од музиката на бендовите со коишто имам снимано албуми. Немав план тоа да бидат повеќе песни и да објавам EP. Сакав да снимам само една композиција. Кога ја снимив таа композиција „Духот кој крвари“ сфатив дека може да се реализирам на таков начин. Така настанаа сите четири композиции.“
Битолчанка и Штипјанец формираа македонски хор во Нов Зеланд
Филип најчесто комбинира рок и метал, но не е ориентиран само на рок и метал кога компонира и слуша музика. Со своето прво ЕР се надева дека ова е почеток на еден поголем солистички опус.
Филип Јездиќ
- „Јас сум активен музичар и имам соработувано со многу музичари, а дали ќе успеам да направам поголема кариера само времето ќе покаже. Мојот фокус не е повеќе на тоа да направам голема кариера, туку пред се да правам квалитетна музика и да бидам добар музичар. Во композициите има и гости пејачи: Наташа Седлоска и Томе Темелкоски, кои дополнително ги исполнија моите очекувања за создаденото.“
Веќе ја спомнавме пандемијата, дали ерата на „онлајн“ музиката може да им помогне на младите кои сакаат да творат?
- „Токму така, сега е време на online музичари. Многу одлични музичари постојано се снимаат на Instagram, но не свират во живо. Супер е да ги користат социјалните мрежи за промоција, исто и јас ги користам. Сепак ако сакаат да напредуваат како музичари мора да свират со други музичари пред публика. Не е важно дали ќе свират во cover или авторски бенд, пред мала или голема публика. На сцена се стекнува најголемото искуство. Исто така да не бидат преокупирани со зборот „кариера“. Убаво е да се сонува, но пред се да свират бидејќи ја сакаат музиката. Снимајте се, промовирајте се на социјалните мрежи, компонирајте музика, но не заборавајте дека крајната цел на музиката е да свириме со други музичари – тоа е мојот совет.“
Колку може да успее еден музичар во нашата држава?
- „Секој музичар може да се развива на било кое место доколку вложува труд, љубов, енергија и доколку биде максимално посветен во тоа што го работи. Што се однесува на кариерата, тука во Македонија мислам дека не може да се гради кариера. Многу се ретки музичарите кои успеале да направат кариера во Македонија.“
Можеби ќе ве интересира