
Објавени се номинациите за 98. доделување на Оскарите, а годинава Академијата испрати јасна порака – смелите жанрови и интернационалните приказни се во фокусот. Историскиот музички хорор „Sinners“ на Рајан Куглер влезе во историјата со рекордни 16 номинации, најмногу досега за еден филм.
Со ова, „Sinners“ го надмина досегашниот рекорд што го делеа легендарните „All About Eve“, „Titanic“ и „La La Land“, секој со по 14 номинации. Филмот е номиниран за најдобар филм, режија и оригинално сценарио, а актерските изведби на Мајкл Б. Џордан, Вунми Мосаку и Делрој Линдо исто така се во трката за златната статуетка.
Веднаш зад него е комичниот политички трилер „One Battle After Another“ на Пол Томас Андерсон со 13 номинации. Филмот обезбеди номинации за најдобар филм, режија и адаптирано сценарио, како и силна актерска постава – Леонардо ДиКаприо, Тејана Тејлор, Бенисио Дел Торо и Шон Пен.
Листата за најдобар филм е разновидна и амбициозна. Меѓу номинираните се вонземјанската комедија „Bugonia“ на Јоргос Лантимос, шекспировската драма „Hamnet“ на Клое Жао, тркачката драма „F1“ на Џозеф Косински, готската визија „Frankenstein“ на Гиљермо дел Торо, како и европските филмови „The Secret Agent“ (Бразил) и „Sentimental Value“ (Норвешка).
Токму „The Secret Agent“ и „Sentimental Value“ се доказ дека интернационалниот филм веќе не е „егзотика“ на Оскарите – актерите од овие продукции добија номинации во главните актерски категории, што ја прави оваа година една од најуспешните за филмови надвор од Холивуд.
Во актерските категории се среќаваат новата и старата гарда. Тимоте Шаламе е номиниран за „Marty Supreme“, Мајкл Б. Џордан за „Sinners“, додека Ема Стоун („Bugonia“) и Ренате Рајнсве („Sentimental Value“) се меѓу најистакнатите актерки годинава.
Со девет номинации, меѓу најуспешните филмови се вбројуваат и „Frankenstein“, „Marty Supreme“ и „Sentimental Value“, што дополнително ја зацврстува тезата дека Академијата сè повеќе ги наградува авторските, ризични и неконвенционални проекти.
Оскарите за 2026 јасно покажуваат промена во вкусот на филмската индустрија – жанровски хибриди, интернационални приказни и силни авторски визии се во центарот на вниманието. Дали „Sinners“ ќе ја круниса оваа историска година со најважните награди, останува да видиме на свеченото доделување.