
Фотографијата не е само медиум или техника, таа е сведок на историјата и моќен раскажувач. Оваа порака одекна на отворањето на првата годишна изложба на фото-групата „Широк Агол“, која е отворена во Галерија 22, во Домот на културата во Штип до 7 декември. Изложбата е збир на 31 внимателно избрана фотографија кои ја доловуваат убавината на секојдневието, културните настани и природните пејзажи.
Во своето отворање, Зоран Здравев, член на групата, истакна дека фотографијата е „сведок на времето, уметнички израз и документ кој го бележи текот на човечката историја“. Според него, уникатната способност на фотографијата да го „замрзне“ моментот ја издвојува како медиум што не само што документира, туку и комуницира приказни со емоции и контекст.
Здравев го спомена концептот на „решавачкиот момент“, воведен од фотографот Анри Картие-Бресон, нагласувајќи дека токму тие моменти ги издвојуваат делата на фотографите како посебни уметнички дела. „Еден миг може да прераскаже цела приказна, и тоа е она што фотографијата го прави поинакво од другите уметнички форми“, рече тој.
Тој го потенцираше и значењето на фотографијата како документарен медиум: „Фотографијата ја доловува реалноста со точност која не може да се спореди со сликарството. Можеби затоа сведоштвата од нашето секојдневие или од историските настани се толку значајни.“
Здравев исто така зборуваше за предизвиците што фотографијата ги носи во дигиталната ера. „Секој ден се создаваат милиони фотографии. Секој со телефон е фотограф, но токму оваа масовна продукција бара од нас да бидеме поодговорни и етични во користењето на фотографијата,“ нагласи тој.
Групата „Широк Агол“, формирана во 2023 година, обединува осум искусни аматери фотографи. Нивните дела се признати на меѓународни конкурси и ја збогатуваат локалната културна сцена.
„Оваа изложба е доказ дека фотографијата продолжува да инспирира, трансформира и комуницира,“ заклучи Здравев, повикувајќи ги посетителите да размислат за тоа како фотографијата влијае на нивните животи.
Изложбата е отворена за сите љубители на фотографијата, а посетителите можат да ги погледнат делата до 7 декември