ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.12.2021
Фотографии од Тоши Трајчев што ќе ве освојат и ќе ве натераат да го посетите Штип во најбрзо време!

Кој е Тоши Трајчев, фотографот што го претставува градот Штип како бајка во неговите фотографии? Роден 1969 година, штипјанец, вљубеник во фотографијата, својот град и природата.

За првите контакти со фотографијата тој истакнува: „Првиот допир со фотографијата ги имав на мои 13 години, кога на подарок добив фото апарат „Смена 8″ и фотокопир „Упа 6″. Во тоа време се правеше аналогна фотографија, така што самиот начин на фотографирање, па потоа развивање на филмови и правење на фотографија ми беше голем предизвик. Најпрво ги фотографирав моите блиски, а подоцна фотографскиот апарат ми стана неразделна алатка во сите сегменти од мојот живот. Потоа следеше долга пауза се до појавувањето на дигиталната фотографија. Штип почнав да го фотографирам откако го набавив првиот дигитален фотоапарат во 2005 год. Предизвик ми беше фотографирањето на цркви и стари градби во Штип. Најчесто фотографирам пејзажи по течението на река Брегалница, тврдината Исар и воопшто целиот град во секое годишно време“.

Тоши Трајчев


Прочитајте и: Одблиску со Влатко Рафески – „Не постои добар фотограф, постои добра фотографија“


Тој го сака Штип како град во целост, а инспирацијата ја пронаоѓа во секое делче од градот, а посебно е фасциниран од тврдината Исар, течението на реката Брегалница, сите штипски цркви, старата архитектура, камениот мост и сите објекти што имаат историско значење.

Тоши се здоби со сребрен медал на вториот Куп на македонска фотографија. Во галеријата „Безистен“  – Штип, деновиве беше отворена изложбата Куп на македонска фотографија – национален конкурс на уметничка фотографија во организација на Националната фото унија.  На отворањето беа доделени златен, сребрен, бронзен медал и шест дипломи за поединечни фотографии во сите категории. Маја Крстевска ги доделуваше наградите. Добитници на златен медал се: Иван Каратанов и Сашо Алушевски; добитници на сребрен медал се: Тоши Трајчев и Иван Вукелиќ; и добитници на бронзен медал се: Коста Дупчинов и Марко Николоски. Претседателот на унијата, Стефан Илиевски истакна: „На изложбата, свои фотографии доставија над 150 фотографи од различни градови во Македонија, со вкупно 1021 фотографија“.

Тоши Трајчев со наградените


Прочитајте и: Бесплатен курс за процесирање на видео и фотографии


Секоја чест на сите фотографи кои несебично се вложиле и ја претставиле својата душа во фотографија. Фотографиите се извор на емоции, убавина и секоја посебно оживува некоја приказна.

„Фотографирањето бара, време, љубов и посветеност. На младите фотографи би им препорачал, доколку се подготвени да дадат дел од себе и од своето слободно време, често да се дружат со фотоапаратот, подолго време да престојуваат во природа, овековечувајќи ги моментите со таа магична алатка – фотоапарат“. – истакнува Тоши Трајанов и охрабрувајќи ги младите да не се откажуваат од својот сон.


Прочитајте и: Не објавувајте секакви фотографии на социјалните мрежи


А, ние му препорачуваме на Тоши да продолжи со ова темпо и да ги множи наградите, медалите и фотографиите.

Повеќе негови фотографии можете да погледнете на неговиот Фејсбук профил, а фотографиите од останатите добитници погледнете ги на Фејсбук страната – Куп на македонска фотографија. Уживајте!

Одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата
Награда за најдобар научник на Универзитет “Гоце Делчев” за 2023