Француските пратеници минатата недела усвоија нацрт-закон со кој се бара платформите за социјални медиуми како Инстаграм, ТикТок и Снепчет да го блокираат пристапот за малолетници под 15 години, освен ако немаат овластување, односно дозвола од нивните родители, пренесува „Политико“.
Во спротивно, технолошките гиганти ќе се соочат со казни до 1 отсто од нивните годишни глобални приходи. Техничките решенија со кои ќе се врши проверка на возраста на малолетниците ќе треба да бидат одобрени од аудиовизуелните регулатори и регулаторите за приватност во Франција.
Лоран Марканџели, член на францускиот парламент од коалициската партија на претседателот Емануел Макрон, Хоризонти, рече дека во 2021 година, 63 отсто од децата под 13 години имале корисничка сметка на најмалку една социјална мрежа.
„Ова е прекршување на општите услови за користење на главните засегнати платформи, според кои регистрацијата е дозволена од 13-годишна возраст“, реагираше Марканџели.
Проверката на возраста е една од најтешките аспекти на заштитата на децата на Интернет. Франција беше една од првите земји што се справија со ова прашање во 2020 година, кога донесе законодавство за да ја принуди порноиндустријата да го блокира онлајн пристапот до малолетниците.
Нацрт-законот следно треба да помине на пленарна седница и во Сенатот, но францускиот министер за дигитални прашања Жан-Ноел Баро рече дека проверката на возраста за интернет-страниците за возрасни треба да се прошири и на мејнстрим платформите на социјалните мрежи.
Париз ја направи заштитата на децата онлајн политички приоритет поради наводите дека малолетниците за првпат посетувале интернет-страници за возрасни, во просек, на 11 години.
Извор: Мета.мк