
Годинава многу туристи се одлучија да го посетат Тасос или уште подобро кажано, островот на сирените на кој што никој не останува рамнодушен. Овој остров ќе ви го даде мирот и спокој кој што го барате целата година додека седете пред вашите телефони и ги гледате многуте снимени reels на Instagram. Тасос е најсеверниот остров во Грција, а до него ќе стигнете со брод.
Штом ќе стигнете, ќе добиете чувство дека од секоја страна ве допира поинаков воздух…
Според еден од митовите, Зевс го создал природниот базен Гиола, за да може во него да живее Венера, божицата на љубовта и убавината. Според старите приказни, Тасос бил остров на сирените, кои ги мамале морнарите и мажите со нивниот преубав глас. Секој кој што ќе ја слушнел нивната песна, бил магепсен.
Освен убавината на природната сенка, Тасос може да се пофали и со преубавите плажи. Мек ситен песок кој совршено се совпаѓа со кристалната боја на морето е една од карактеристиките кои го прават овој остров толку посебен. Постојат неколку плажи кои се издвоени за најубави. Не се заборавени и љубителите на нудистичките плажи. Постојат и посебни нудистички плажи за оние кои сакаат да ги посетуваат.
Секако тука е и природниот базен во форма на солза Гиола кој што е предизвик на многу туристи. Уште е познат како „Солза на Венера“. Таму нема песок. Само карпи на кои нема сенка, па затоа најдобро време за посета е наутро или доцна попладне. Ако сакате да ја избегнете гужвата, најдобро е да го посетите околу осум часот наутро, бидејќи веќе еден час подоцна има многу посетители. Многу луѓе скокаат во базенот од околните карпи високи до осум метри, што е една од нивните омилени активности. Доколку огладнете, во близина ќе најдете мала таверна со поволни цени.
Без разлика во кој дел од островот сте сместени, секој дел си има своја убавина. Островот може да го заобиколите за два до три часа. Доколку сакате да крстарите, тогаш по крајбрежјата ќе ве пречекаат фини и културни младичи кои ќе ви раскажат како може да го разгледате целиот остров преку крстарење.
Иако важи за еден од поскапите острови за сместување, сепак може да најдете сместување со прифатлива цена. Единствено што треба да направите е да бидете упорни во наоѓањето на апартманите, секако доколку не се одлучите за хотел. Во однос на цените, не се издвојуваат многу повеќе од другите туристички места. Пример, цените на гирото се движеа од 4 до 9 евра… Во однос на лежалките на плажа, интересно е да се каже дека во цената која се плаќа за лежалките е вклучено пиење и храна.
Погледнете дел од убавините на овој остров, па доколку не сте го посетиле, можете тоа да го сторите следното лето.