
Традиционалните кариери како право, медицина и администрација стануваат одбивна одлука за идна професија на младите, па наместо тоа, тие се насочуваат кон пофлексибилни и креативни професии.
Според анализи објавени од BBC, интересот за freelancing, дигитален маркетинг, креирање содржини и стартапи значително расте, особено кај генерацијата Z.
Многу млади велат дека главната причина е желбата за поголема слобода и баланс помеѓу работата и приватниот живот. „Не сакам класична работа од 9 до 5“, изјавил еден млад креатор на содржини, додавајќи дека флексибилноста му овозможува подобар квалитет на живот.

Сепак, експертите предупредуваат дека ваквиот избор носи и ризици. Нестабилните приходи, недостатокот на социјална сигурност и конкуренцијата на глобалниот пазар се само дел од предизвиците со кои се соочуваат младите.
Истовремено, развојот на технологијата и вештачката интелигенција дополнително го менуваат пазарот на труд, создавајќи нови можности, но и неизвесност за идните генерации.
Дополнително, глобалните истражувања покажуваат дека оваа промена не е само тренд, туку длабока трансформација на начинот на кој младите ја гледаат кариерата и успехот. Според најновиот извештај на Deloitte, младите денес не ја мерат успешноста преку позиција или титула, туку преку комбинација од три клучни фактори: финансиска сигурност, чувство на смисла и лична благосостојба.
Овој „триаголник“ на приоритети значи дека класичниот пат – факултет, работа, пензија – веќе не е единствениот избор. Речиси една третина од младите дури одлучуваат да не продолжат со високо образование, најчесто поради високите трошоци, но и поради сомнеж дека факултетот нуди доволно практични вештини за реалниот пазар на труд.
Во исто време, младите стануваат сè поактивни во градење на сопствени вештини. Дури 70% од генерацијата Z работат на развој на нови способности барем еднаш неделно, често надвор од работното време. Наместо да чекаат системот да ги подготви, тие сами инвестираат во себе – преку онлајн курсеви, пракса и работа на реални проекти.
Но, зад оваа флексибилност стои и една помалку атрактивна реалност. Речиси половина од младите не се чувствуваат финансиски сигурни, а повеќе од 50% живеат „од плата до плата“. Ова е и една од главните причини зошто многумина имаат повеќе од еден извор на приход – тренд што директно го поттикнува растот на freelancing и дигиталните професии.
Технологијата дополнително ја засилува оваа промена. Повеќе од половина од младите веќе користат алатки со вештачка интелигенција во секојдневната работа – од креирање содржини до анализа на податоци. Иако ова им овозможува побрза и поефикасна работа, истовремено расте и стравот дека дел од работните позиции ќе исчезнат.
Интересно е што, и покрај амбицијата, само мал дел од младите имаат цел да стигнат до врвни менаџерски позиции. Наместо тоа, тие се фокусираат на личен развој, флексибилност и работа што има значење.
Ова јасно покажува дека генерацијата Z не бега од работа – туку од старите правила. И ако компаниите и образовниот систем не се прилагодат, ризикуваат да изгубат цела генерација која веќе игра по нови правила.