
Во еколошката акција „Генералка викенд 2022“, што од 6 до 8 мај се спроведуваше во 26 општини и во Градот Скопје се собрани 185 тони отпад. Во акцијата учествувале над 7 400 волонтери, што е седум пати повеќе учесници од минатата година.

– Овој собран отпад е количество што на дневно ниво го генерираат Битола и Тетово. Денеска сите камиони со смет од Тетово и Битала да не завршат на прописно место, туку во природата – тоа е количеството на отпад што го собравме во оваа акција. Има најмалку уште толку отпад низ природата и затоа апелирам да се однесуваме совесно и селектирањето на отпадот да го сфатиме како најдобро решение за справување со ваквото загадување во случајот со отпад, рече на презентацијата на резултатите од акцијата извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека оваа акција претставува одличен пример за координација, соработка, мотивација и вклучување на сите државни институции, локалната самоуправа, бизнис секторот, колективните управувачи со отпад, граѓанските здруженија и граѓаните воопшто.
– Акцијата ја покажува важноста на секој чинител во справување со отпадот. Се развива свеста за правилно одложување на отпадот, се содаваат навики за селектирање на отпадот и се развива потребата за одржување на чиста животна средина. Но, исто така, со транформација на одредено количество отпад собран од дрвни насади што се садат потоа на одредени одбрани локации, отпадот се претвора во зелена гора или парк кој е видлив бенефот за сите, рече Нуредини.

Насер Нуредини
Според него, ова е одличен пример како со иновативен пристап, креативност и волја да се рециклира отпадот од минатото за да може да се гради зелена иднина.
Претставниците на „Мен енд Маунтен“ ДОО, кои веќе втора година по ред ја спроведуваат оваа акција, изразија благодарност до секој учесник на „Генералка викенд 2022“ и посочија дека на ваков начин имаме можност да направиме многу за да ја оставиме нашата земја чиста за идните генерации.
„Генералка викенд 2022“, се спроведуваше во 26 општини низ државата, вклучително и во Град Скопје. Еко-акцијата беше поддржана и од министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во пролетниот дел од акцијата, која во повеќето општини се одвиваше од 6 до 8 мај 2022, беше собиран сув отпад од локациите што се одредени од страна на општинските власти.