ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
15.05.2024
Геоглифот кај С.Николе – ровови или македонска историја?

Геоглифот кај Свети Николе долги години предизвикува внимание, не само како своевидна атракција, туку и како предмет на теории дека токму таму е гробот на Александар Македонски.

Локацијата на гробот на Александар Македонски се чини е опсесија на многу квази научници во светот и во Македонија, па нема нема, некој ќе пронајде нова локација. Од можните места кои се „задгробен дом“ на Александар Македонски не се исклучени и многу локации во Македонија, а едно од нив е локацијата на познатиот светиниколски геоглиф, кој е во непосредна близина на археолошкиот локалитет Вила Зора кај Свети Николе.

Пред десетина години посебно актуелни станаа овие информации, како дел од реакциите на проблемите кои Македонија ги имаше со Грција, околу името, државноста, идентитетот…Тогаш дел од научници и квази научници излегоа со тврдење дека голема е веројатноста дека гробот на Александар Македонски се наоѓа токму под геоглифот, и дека многу бргу вистината ќе излезе на виделина.

Што досега покажале научните обиди за истражување на геоглифот?

Желбата за романтична приказна за билдање на патриотски дух, но донекаде и за будење не само на национално, туку и одење на раб на националистичко чувство е едно, а реалноста друго. Дезинформации и манипулации сепак не се вистинскиот начин и замена за научните факти. Уште тогаш научната јавност се спротивставуваше на ваквите тврдења. Од денешен аспект, ние даваме уште една шанса на научната вистина, преку разговорот со проф. Д-р Марјан Јованов од Катедрата за археологија на УКИМ, кој заедно со проф.д-р Виктор Лилчиќ учествува во истражувања на археолошкиот локалитет Вила Зора, во чија близина е и геоглифот.

Геоглифот стана популарен по презентациите дека таму е гробот на Александар Македонски

„Kога станува збор за тој фамозен геоглиф, тоа е една структура на земјата, којашто гледано од високо, наликува на некакво писание, на некаква буква, знак некој, испишан наводно со човечка рака. Локалните светиниколски власти пред десетина години покренаа една иницијатива , трагајќи веројатно по некаква атракција , да се направи таму истражување, па беа дојдени и некои, би рекол слободно квази научници, со квази научни методи, да го истражат тој простор, и да пренесат меѓу локалното население, па и пошироко некаква фамозна приказна дека тука е гробот на Александар Македонски, што апсолутно не соодветствува со никаква научна вистина. За жал, нели. Сите би биле среќни да е тоа така, меѓутоа не е така“

Професорот Јованов вели дека тие,  поведени од желбата научно да ги разоткријат сите тие шпекулации, приказни, зборувања во јавност околу тој фамозен геоглиф, со тогашната Управа за заштита на културното наследство , предводена од професорот Виктор Лилчиќ, спровеле истражувања на самиот тој простор , на локалитетот, при што се констатираше она што и претходно барем археолозите се сомневале.

Проф.д-р Марјан Јованов

Се работи за ровови ископани од Југословенската народна армија која во текот на седумдесетите години имала свои вежби таму. Тоа се пешадиски ровови во кои се вкопувале војниците вежбајќи , бранејќи се од замислен непријател.

Со што се поткрепува тврдењето дека геоглифот е всушност воен ров?

    Со што го поткрепуваме ова?

   Сo стотици откриени куршуми, маневарска муниција испукана таму, сите тие куршуми имаат ознака на година во која се произведени. Потоа, за истото тоа ни сведочат бројните остатоци од храната која војниците во текот на повеќедневните вежби ја конзумирале – остатоци од конзерви од риба, паштета, месен нарезок, и се она со што се хранела тогашната југословенска војска. Значи нема ниту А од археолошки остаток на тој локалитет. Оние методи како архео акустика, тоа е измислена метода, тоа не постои во науката.

     Со нив сакаат да слушаат и да откријат дека на 15 метри длабочина во земјата нешто се уште дише, чука…не сакам да карикирам, меѓутоа, еве. Сакам само да се разоткрие невистината, иако романтичните приказни за гробови на Александар Македонски или некои пајонски владетели за народот се поприфатливи, повеќе би сакале тоа да е вистина, отколку оваа штура научна вистина дека се тоа ровови од ЈНА, меѓутоа, ние се залагаме вистината да излезе на виделина.

   Ете тоа е накусо вистината, се што може да се каже за тој геоглиф“ вели проф. Д-р Марјан Јованов.

Јавноста треба да има верба во науката – никој не сака да пласира научна невистина

На прашањето како треба да гледаме на археологијата, како да гледаме на археолошките истражувања, професорот Јованов вели дека јавноста треба да има верба во науката.

„Едноставно јавноста треба да има верба во она што археолозите го кажуваат. Сепак се тие луѓе остручени, образовани, прочитале и работеле со соодветни научни методи на одредени истражувања. А денес во Македонија сите се правиме експерти за се. Сите се политичари, сите се големи фудбалски тренери, сите се , не знам, историчари, буквално експерти за се. Само слушајте, верувајте на она што науката сака да го каже. Ниеден археолог не сака да ви пласира научна невистина – напротив, желбата борбата е за научна вистина да излезе на виделина.  Ние не се срамиме од научната вистина. Велиме – таму живеело пајонско население, таа Пајонија имала свои владетели, свое кралство, па во рамките на Античкото македонско кралство оствариле своја независност, нивна престолнина бил градот Вила Зора…

       Меѓутоа дошле времиња, кога тој град потпаднал под раката на некои други освојувачи, други племиња, прво Келтите од Западна Европа го уништиле, а потоа потпаднал под Римска власт, и последно што знаеме за тој град, за тој простор, е дека во вториот век пред новата ера, станал едно од последните упоришта на Античкото македонско кралство против непријателите кои од север напаѓале. Тоа биле Дарданците, и тогаш македонскиот крал Филип Петти ги обновил ѕидините на веќе разрушениот град, за да стационира воен гарнизон, со кој ќе ги брани северните граници на своето кралство. И тоа немало долг век, Македонија потпаднала под римска власт,  и тука завршува животот на овој простор. Оттогаш наваму само во средновековието близината на Вила зора и материјалот, камењата што таму се наоѓале буле употребени за изградба на некои средновековни гробови , веројатно од некое средновековно село што тука егзистирала во краток временски интервал“

Прва дебата на Студентското здружение за молекуларна медицина
УНИЦЕФ поттикнува учесво на јавноста во гимназиските реформи