
За жал, сексуалното вознемирување е сѐ почеста појава. Независно дали станува збор за маж или жена, се чини дека тоа е присутно насекаде, од улиците па сѐ до работни места и универзитетски простории, статистичките податоци се застрашувачки. Според светски статистики, 97% од населението барем еднаш во животот се соочиле со некаков вид сексуално вознемирување. За тоа како да се препознаат формите на сексуално вознемирување и какви психолошки последици може да остават, разговаравме со Иван Георгиев, дипломиран психолог.
Преслушајте го целиот текст овде:
Иван Георгиев
“Терминот сексуален напад се однесува на сексуален контакт или однесување што се случува без експлицитна согласност од жртвата. Сексуалното вознемирување е несакано сексуално однесување кое може да е навредливо, понижувачко или застрашувачко. Може да биде писмено, вербално или физички и може да се случи и онлајн. Психолошкото влијание на сексуалниот напад и вознемирување многу варира од личност до личност. Дете-жртва можеби нема да сфати дека е нападнато со години. Кај возрасните може да се појави нарушена доверба, страв, чувството на срам, збунетост и вина. Жртвите, исто така, може да бидат изложени на зголемен ризик од проблеми со менталното здравје, како што се: депресија, нарушувања на употребата на супстанции, нарушувања во исхраната, анксиозност”, вели Георгиев.
Психолозите користат состојба која на нарекуваат “freeze” или “замрзната” состојба. Таа состојба се јавува кратко после нападот. Ова може да придонесе за дополнително чувство на вина кај жртвата. Пост трауматското стресно нарушување исто така може да биде честа појава после напад.
Прочитајте и: (Анкета) Постои ли сексуално вознемирување во високото образование?
“Фриз состојбата се јавува како реакција на организмот во ваквите ситуации која ги блокира сензорните примачи на телото (примарно допир), па затоа всушност и во голем дел од сексуалните напади жените или мажите не се сеќаваат на чувството на злоставувањето. Жртвата може да се чувствува лошо што не го запрела нападот. Тие може да се грижат за тоа што ќе мислат другите или можеби се обвинуваат себеси (иако никогаш не е виновна жртвата). ПТСН е состојба која се појавува по преживувањето на настан со сексуален напад или вознемирување Ваквата состојба претставува целокупно реагирање на личноста во дадена ситуација која го потсеќа на нападот. Таа се манифестира со болки во телото, главоболка, изнемоштеност, несоница, кошмари и лоши присеќавања на ситуацијата .Нивните искуства исто така може да ги доведат до – емоционално бегство, држејќи се настрана од она што ги потсетува на траумата како што се луѓе, места, предмети или ситуации; и да се спротивстави на разговорите за тоа што се случило. Зголемено возбудување, како што се проблеми со заспивањето, лесното зачудување или страв, проблеми со концентрацијата и хипер – внимателност кон околината и потенцијални закани за безбедноста, се исто така чести симптоми.”, вели Георгиев.
Photo by Melanie Wasser on Unsplash
Околината често е пречка жртвата да го пријави случајот или да се осуди да зборува за тоа јавно. Јавниот срам и перцепцијата од страна на јавноста се нешто што мора да се промени за да може жртвите да пријавуваат почесто.
“Негативните коментари од околината влијаат многу врз перцепцијата на самиот проблем, особено ако околината ја намалува големината на проблемот, а жртвата големината ја доживува како секојдневни незапрени мисли. Ова може да има сосема спротивен ефект и да предизвика големи психолошки (негативни) промени кај индивидуата. Голем број на насилства од сексуален тип се јавуаат и во внатрешноста на партнерските врски, а тие се должат на комуникацијата која е неправилно воспоставена во почетокот на врската. Користењето на апстрактните реченици ( Ти мене си ми сѐ, јас ти го посветувам целото мое време) всушност претставува причина и оправдување за понатамошно насилство во врската.”, вели Георгиев.
Според Георгиев, најдобра постапка во вакви ситуации е психотерапијата. Дали станува збор за чувство на вина или пак појава на посериозни нарушувања, терапевтите се обучени за справување со ваквите состојби и дека нема потреба од срам за да се побара помош.
“Системски, можат да се променат многу работи кои би биле од корист на жртвите на сексуални вознемирувања и напади. Со самото охрабрување на жртвите за зборување со професионалец по ваквите ситуации, ние правиме добро на целото општество бидејќи ги охрабруваме личностите да побараат помош за која е потребно големо ниво на храброст. Едукацијата која може да се спроведе за да се намалат напаѓачите би била спроведена на начин кој е овозможен за сите, барем во неговата основа. Доколку станува збор за сексуален злоставувач кој причината ја гледа во некои длабоки стиснати делови од својата психа, или пак, психијатриски е дијагностициран како таков случај, тогаш е потребна професионална психолошка и психијатриска помош.”
Доколку имате почувствувано некаква ваква ситуација пополнете ја следната анкета: https://goce.mk/anketa-postoi-li-seksualno-voznemiruva%d1%9ae-vo-visokoto-obrazovanie/ и помогнете да го запреме молкот.