ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.09.2024
“Golden Piano Talents“ на 13 и 14 септември во Штип
Автор: Goce Author

На 13 и 14 Септември, Општина Штип ќе биде домакин на третиот фестивал за млади пијанисти  “Golden Piano Talents“ кој претставува уникатен и значаен музички настан и кој за кратко време привлече огромен интерес  во  светската пијанистичка фела. За тоа говори и фактот дека на претходните две изданија на фестивалот во Штип настапија околу 70 пијанисти од: Италија, Германија, Монголија, Израел. Полска, Чешка, Унгарија, Холандија, Шпанија,  Романија, Албанија, Србија, Турција, Црна Гора и др.

На фестивалот ќе настапат млади пијанисти – победници на многу интернационални пијанистички натпревари, а воедно и  прворангирани  во различни дисциплини на „Golden Piano Talents“ –  натпревар на кој зедоа учество пијанисти од околу 50 држави. Пијанистите кои ќе настапат се избрани од стручно жири составено од меѓународно докажани пијанисти и педагози по пијано. Во склоп на фестивалот ќе се одржи и концерт на наградените пијанисти од нашата држава.

Golden Piano Talents 2024 ќе претстави 45 пијанисти

Вкупно, на сцената во уметничката галерија „Безистен “ ќе настапат 45 пијанисти и публиката ќе може да ужива во нивните беспрекорни интерпретации.

Штип ќе биде светски центар на пијанизмот овој викенд и ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на исто место. Фестивалот ќе биде големо освежување во музичката уметност не само во нашата земја, туку и пошироко. Веќе има најавено гости од 15 држави.

 

Во рамките на фестивалот ќе се одржат пет соло рецитали и  два заеднички концерти: на победниците во  различни категории и на македонските наградени пијанисти. На првиот фестивалски ден (13.9) рецитали ќе одржат: Сергеј Дружинин од Велика Британија, Алона Каспит од Израел, Валентуна Ибрики од Чешка, Бен Полонски од Израел и Андреј Шаклев – Македонец кој живее во Италија. На вториот фестивалски ден, пијано рецитал ќе одржи Лауреатот на натпреварот Јоана Маја Јасновска од Полска.

Истиот ден ќе се одржи концерт на македонски млади пијанисти. Акцентот на фестивалот е ставен на  Големиот свечен концерт на победниците на 14 Септември (Сабота) во 20 часот на кој ќе настапат пијанисти од 12 земји и тогаш ќе се врачат медалите, плакетите, дипломите и паричните награди на младите пијанисти и нивните ментори. Освен пијанистите кои ќе одржат соло рецитали претходно, тука ќе настапат и Лео Кудре-Моро – Швајцарија, Габриел Кордина – Малта, Ина Даи – Германија, Луцја Дабковска – Полска, Ема Кејт Мифсуд – Малта, Стефан Ончев – С.Македонија, Едвин Недељко – Хрватска, Виктор Василев – Бугарија, Лејла Сијариќ – Германија и Триото „Мистико“ од Словенија, составено од Маја Менарт, Тинкара Тушар и Каролина Гантар.

Концертите на фестивалот на пијано се одржуваат во уметничката галерија „Безистен“

Мароија Максимова со лауреатот од 2022, Јан Шулсмајстер

Организатор на фестивалот “Golden Piano Talents’ e „Интернационалното Здружение за Културен Развој и Едукација – Арт Фест“.

“Основната идеја за организација на фестивал од ваков тип беше да направиме  музички настан  на интернационално ниво со што би ја приближиле публиката  до класичната музика, односно да го приближиме светското музичко наследство до сите љубители на музиката преку промовирање на млади одлични пијанисти и на дела за пијано со висока уметничка вредност. Воедно, фестивалов претставува подиум и поттик за понатамошна работа на младите пијанисти, како и  дружба, мотивација и разменување на искуства меѓу пијанистите и менторите од различна возраст и националност“ вели м-р Марија Максимова.

Концертите  на фестивалот „Golden Piano Talents“ се одржуваат во Безистенот во Штип на 13 и 14 Септември. Главниот односно, големиот церемонијален концерт на победниците е на 14 Септември (Сабота) во 20 часот. Влезот е бесплатен за сите љубители на класичната музика.

„Супер училишта“ – можност за дружење на ученици од Западен Балкан
Балканска олимпијада по информатика од 20-26 септември во Охрид