
На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип започна првиот уписен рок за новата академска 2025/2026 година, кој ќе трае на 20, 21 и 22 август. Кандидатите кои аплицирале електронски преку сајтот на УГД во овој период треба да ги достават своите документи во еден од наставните центри – Штип, Скопје, Струмица, Кавадарци или Гевгелија. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени во петок, 23 август.
„Сите кои сè уште не се одлучиле, можат да аплицираат во текот на овие три дена. На УГД нудиме 80 студиски програми на 12 факултети и три уметнички академии,“ изјави проректорот за настава проф. д-р Мишко Џидров.
И оваа година УГД нуди ослободување од партиципација за најдобро рангираните кандидати. На Факултетот за медицински науки тоа се првите 20, на Информатика, Земјоделски, Природни и технички науки и Туризам и бизнис логистика првите 10, а на повеќе технички и уметнички факултети првите пет или двајца. На Филолошкиот факултет, сите студенти по Македонски јазик и литература се целосно ослободени од партиципација за сите четири години студирање.
Вториот уписен рок ќе се одржи на 4 и 5 септември, а третиот на 17 и 18 септември. Дополнително, во октомври ќе биде објавен и посебен конкурс за ранливи категории студенти.
Според Џидров, најголем интерес и годинава покажале кандидатите за Факултетот за медицински науки. „Целиот процес на аплицирање и запишување е дигитализиран, што значително им го олеснува пристапот на студентите,“ додаде тој.
УГД располага со 2100 слободни места за редовни и 820 за вонредни студенти. Универзитетот нуди и повеќе програми на англиски јазик, а најновата е Фармација на Факултетот за медицински науки. И студентите кои ги затекнавме беа најголем дел на Факултетот за медицински науки, дел од нив ги прашавме зошто го избрале УГД.