
Фудбалската федерација на Македонија го заборави Горан Пандев (намерно или случајно, проценете сами).
Синоќа на арената „Тоше Проески“ беше вистински момент, на еден резултатски не толку важен, но од многу други аспекти значаен натпревар за Македонија , да му се оддаде благодарност и почит на играчот кој во репрезентацијата и во македонскиот фудбал остави печат кој ќе остане засекогаш меѓу врвните и најдобрите. За фудбалската вредност и големина на Горан Пандев нема место за сомневање, единственото прашање кое можеби се поставува е кој е подобар – Пандев или Панчев!
Но тоа не ја намалува големината на пропустот кој го прави ФФМ, со не одбележувањето на фудбалското пензионирање на струмичкиот фудбалски виртуоз. Токму во очи на двата натпревари – против Грузија во Тбилиси и Бугарија во Скопје, Пандев објави крај на својата кариера. И зарем имаше поубава можност да му се оддаде заслужената почит пред 20.000 вљубеници во фудбалот и репрезентацијата, и уште којзнае колку пред телевизиските приемници кои го следеа овој долгоочекуван (добро)соседски дуел. А начини има многу – да му се подари нешто за спомен, да излезат репрезентативците со транспарент со благодарност, да биде Пандев почесен гостин на оваа средба, да излезе на теренот и да ги поздрави навивачите… Но, најверојатно преовладаа суетите, заткулисните игри, нетрпеливоста , борбата за тронот во федерацијата.
Штета, можеше навистина овој натпревар да добие и многу повеќе од тензијата која ја имаше поради не фудбалскиот товар кој го наметна нелогичниот спор и неправдата која ја трпи Македонија. Тоа не е начин на кој треба да се третира фудбалер кој бил клучен за речиси сите успеси на репрезентацијата, кој и во светски рамки ја презентирал Македонија, бил дел од европскиот фудбалски крем.
Но, кај нас очигледно работите функционираат малку поинаку, па пред фудбалските вредности и постигнувања се ставаат некои други интереси. Секако дека кога станува збор за борба за превласт, различни мислења и гледања на развојот на фудбалот во Македонија, никогаш не е „виновна“ само една страна. Така, можно е и ФФМ и Пандев да имаат свои маани и пропусти, но ништо во тој смисол не може да ги поништи постигнувањата на фудбалерот Горан Пандев. За нив, заслужува достојно одбележување од ФФМ – дали во иднина тоа ќе се случи, останува да видиме. Првата можност е пропуштена.