

Во пресрет на зимскиот распуст за учениците, повторно се актуелизира прашањето за носењето на маски во училиштата на учениците, кое во моментов е задолжително, според важечките протоколи донесени од Владата.
Граѓанската иницијатива која се залага за избор во однос на носењето на маски во училиштата, вчера одржа протести во повеќе градови.
Во соопштението до јавноста, иницијаторите нагласуваат дека за неколку дена оваа Иницијатива добила повеќе од 9,000 поддржувачи на социјалните мрежи. Инцијативата се залага за промена на ковид протоколите во образованието, односно употребата на маските да не биде задолжителна, туку да биде на избор на родителите. Родителите реагираат на нелогичноста во протоколите, според кои без маски може да се влегува во спортски клубови, ресторани, игротеки, додека пак во училиштата на учениците им е забранет влез доколку не носат маски.
Иницијаторите се повикуваат на изјавите на според нив истакнати доктори кои јавно ги искажуваат штетни последици од носењето на маските по здравјето на децата кои во текот на денот седат по седум до осум часа со маска, вклучително и на часот по физичко. Последиците од носењето на маски со кои се блокира протокот на кислород во мозокот, ќе има долгограјни последици по нивното ментално и физичко здравје.
Поддржувачите на оваа иницијатива бараат од следното полугодие нивните деца да не одат со маска во школо.