
Во периодот од 9.10 до 12.10 2025 во Осијек, Хрватска се одржа 21-то издание на семинарот за студентски радија насловен „HearMe“. Гоце.мк и УГД ФМ заедно со уште шест други радија од регионот беше активен учесник на семинарот. Покрај Македонија, учесници имаше и од Загреб, Сплит, Дубровник, Рјека и Осијек од Хрватска како и од Марибор , Словенија.

Радијата беа претставувани од студентите кои работат таму и фокусот беше ставен на предавања и работилници од области на медиумите и комуникацијата. Преку активностите, тие имаа можност да се едуцираат повеќе за медиумската писменост, да учествуваат на панел дискусии за студентски активизам , како и да бидат дел од работилница за јавен настап и јавно говорење. Семинарот заврши со дискусија во облик на округла маса каде се зборуваше за минатото, сегашноста и иднината на студентските радија како и предизвиците со кои се соочуваат.

„Целта на овој семинар е да се поврзат студентските радијата од регионот и самите студенти да се едуцираат и да научат нешто ново. Некогаш оваа работа може да биде поразувачка бидејќи луѓето сакаат да кажат дека радиото е „мртво“ или дека изумира, но напротив , радиото не е мртво и ние сме овде да го одржиме во живот“, вели организаторката на овогодинешниот HearMe, Лу, студентка од Осијек.
Покрај учеството во предавањата и работилниците, претставниците од Гоце.мк и УГД ФМ имаа можност да гостуваат во Радио Осијек и емисијата на студентското радио од Осиек, „Brtvа Glave“, и да зборуваат за состојбата на радиото во нашата држава, почетоците на УГД ФМ и развојот на Гоце.мк како и ангажманот на самите студенти во склоп на универзитетските медиуми, идните планови и новите проекти.