ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.07.2025
„Хирургијата не е само вештина – туку и одлука да носиш тежина наместо друг“

Хирургијата е повеќе од вештина, хирургот треба да носи тешки одлки, и да се носи тежината наместо некој друг, вели Д-р Димитар Споа, специјалист за спортски повреди.

Спец. д-р. Димитар Споа е ортопед со над 15 години искуство во хирургија, со специјален фокус на спортски повреди, реконструктивна ортопедија и индивидуализиран пристап кон секој пациент. Работи во приватен здравствен систем и е познат по изведбата на високо-специјализирани интервенции, дури и во услови со ограничени ресурси.


Своето искуство го стекнува во едни од најголемите медицински центри специјализирани во областа на ортопедијата и трауматологијата во Швајцарија, Франција, Словенија, Хрватска, Австрија, САД и Холандија, каде има обавувано повеќе месечни обуки рамо до рамо со врвни светски имиња.

Во разговорот со д-р Димитар Споа го отвораме прашањето за современите спортски повреди, како и длабоките човечки дилеми со кои се соочува еден хирург.
Од преден вкрстен лигамент до психологијата на надежта – ова интервју носи искрен, стручeн и човечки поглед на медицината што се живее, а не само што се учи.

„Хирургијата не е само вештина – туку одлука да носиш тежина наместо друг.“

Со овие зборови, д-р Димитар Споа го отвора разговорот, не како човек што зборува за професија, туку како човек што зборува за повик.

Токму летото е периодот кога најчесто му се јавуваат пациенти – активни, млади луѓе кои сакаат да го „вратат телото во игра“, но завршуваат со повреда. „Телото тогаш добива своја слобода, но без јасна граница што е безбедно. Кај младите најчесто страдаат колената, скочните зглобови и рамениот појас – тоа се зглобови што ја трпат целата динамика од секојдневието.“

Неговата најголема загриженост? Доаѓа од тоа што многумина одложуваат посета кај ортопед, надевајќи се дека ќе им „помине само од себе“.

„Ова е, искрено, една од најтажните грешки – да не ја сфатиш болката како порака. Наместо да дојдат кога болката е предупредување, доаѓаат кога станува пречка.“

Според д-р Споа, коленото е најчестиот „проблематичен зглоб“ затоа што е буквално „жртва на нашата желба да бидеме побрзи од самите себе“.

Во текот на својата кариера, во хирургијата се сретнал со безброј случаи, но еден засекогаш му останал во меморија:

„Имав пациент – млад човек, со комплицирана, ретка деформација. Беше сериозно и сите го гледаа случајот како непотребен ризик. Но кога ќе видиш некој што се мачи со болка која може да се реши – не можеш да се повлечеш. Не можев да не го оперирам.“

Одлуката дали да останат во Македонија е најголем предизвик за младите лекари

Операцијата не крајот – вистината е дека таа е само почеток

Често се зборува и за модерните трендови во фитнесот, особено за CrossFit – но д-р Споа е јасен:

„Проблемот не е во CrossFit. Проблемот е кога телото не е подготвено, а умот сака повеќе отколку што му следува.“

Тој е меѓу малкуте хирурзи што успешно изведуваат и високо-специјализирани операции во услови со ограничени ресурси.

„Тоа се моменти кога целиот систем на знаење го ставаш на тест. Не се работи само за техника – туку за импровизација, тимска работа и целосна посветеност.“

На прашањето дали некогаш се двоумел пред операција – одговара без двоумење:

„Да. И треба да постои двоумење. Затоа што во тие моменти одлучуваш не само што ќе направиш – туку какви последици ќе оставиш на нечиј живот.“

Во неговото искуство, најтешко е кога пациентот доаѓа со ретка дијагноза, но и со страв, недоверба, понекогаш и целосна изгубена надеж.

„Тогаш зборувам како човек, не како доктор. Мораш да бидеш искрен, но и да дадеш нешто што не се учи – да му покажеш дека не е сам.“

Кинеските хирурзи оперираат со помош на 5Г

А после секоја интервенција – доаѓа вистинскиот предизвик: рехабилитацијата.

„Луѓето мислат дека операцијата е крајот. Но вистината е дека тоа е само почеток. Најчест непријател? Нестрпливоста.“

На крајот од разговорот, д-р Споа испраќа порака до сите млади лекари и студенти по медицина:

„Да знае дека не е доволна само паметта – туку треба срце. И храброст да носиш последици, дури и кога немаш јасен пат пред себе.“

Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап
Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија