
Астрологијата (хороскоп) со децении има огромна популарност во Македонија и пошироко. Хороскопите редовно се присутни во весници, списанија и на интернет, а многу луѓе ги читаат како дел од својата секојдневна рутина. Иако за многумина тоа претставува забава и начин за релаксација, проблемот настанува кога верувањето во астрологија преминува во сферата на одлучување и влијае врз секојдневниот живот, па дури и врз односот кон фактите и науката.
Астрологијата се темели на претпоставката дека положбата на ѕвездите и планетите во моментот на раѓањето има влијание врз карактерот и судбината на луѓето. Научните истражувања, меѓутоа, континуирано ја отфрлаат оваа идеја, укажувајќи дека нема докази кои потврдуваат врска помеѓу астрономските појави и личноста или настаните во животот на поединецот. Ова ја прави астрологијата класичен пример за псевдонаука.
Иако може да изгледа безопасно, прифаќањето на вакви верувања често оди рака под рака со намалена склоност кон критичко размислување. Луѓето кои некритички ги прифаќаат хороскопите полесно се изложени на други дезинформации и манипулации. Во онлајн просторот, хороскопските содржини често се мешаат со разни „алтернативни вистини“, здравствени совети без научна основа или политички теории на заговор, со што границата меѓу забава и опасна дезинформација станува сè потенка.
Истражувањата покажуваат дека довербата во астрологијата е повисока во општества каде што образовниот систем и медиумската писменост се послаби. Во такви услови, луѓето полесно прифаќаат информации што се пласираат како апсолутни вистини, без да се преиспита нивната изворност или веродостојност.
Верувањето во хороскоп може да има и конкретни последици, од луѓе кои носат одлуки за здравјето врз основа на астролошки совети, до граѓани кои своите политички избори ги темелат врз уверувањето дека „ѕвездите така сакаат“. Таквите практики не се безопасни бидејќи ја поткопуваат довербата во институциите, науката и во рационалните методи на донесување одлуки.
Затоа, борбата против дезинформациите мора да опфати и објаснување на псевдонаучните појави како што е астрологијата. Не станува збор за забрана или цензура на хороскопите, туку за развивање критичко размислување кај јавноста. Медиумите, образовните институции и граѓанскиот сектор имаат клучна улога во промовирањето на научно засновани знаења и во разобличувањето на наративите кои, под маската на забава, можат да водат кон пошироки форми на манипулација.
Иако многумина ја гледаат астрологијата како дел од личната традиција или како извор на утеха, важно е да се прави јасна разлика помеѓу забава и факти. Само така може да се спречи ширење на дезинформации и да се зајакне отпорноста на општеството кон манипулации кои во различни облици го загрозуваат јавниот интерес.
Причината зошто хороскопите можат да се наречат долгорочни и континуирани дезинформации е тоа што се шират со векови и сè уште се користат за манипулација, прикриени под маската на „забава“. Често зад нив се кријат и сериозни финансиски измами како продавање „натални карти“ и ветувања за среќа, љубов или успех.
Современи примери ја потврдуваат оваа опасност. Индијскиот медиум „Декан Хералд“ во јуни 2025 објави напис за тоа како во Пакистан се разгледува забрана за практикување „црна магија“, додека астролозите предупредувале за „лоши предзнаци“. Станува збор за создавање страв и илузии, со што жртвите се натерани да плаќаат за заштита. Истражувањата на антропологот Џејмс Фрејзер во книгата „Златна гранка“ укажуваат дека таквите ритуали никогаш немале реален ефект туку се користеле за изнудување пари или дури и за оправдување на насилство.
Во списанието Космополитен, пак, неодамна беше објавен текст со тврдење дека астрологијата може „морничаво точно“ да објасни однесување на сериски убијци, што претставува особено опасна форма на дезинформација и создава впечаток дека псевдонауката може да биде поефикасна од официјалните истражни методи. „Тјмс оф индија“ исто така, објави текст за практиката „Каал Шарп Дош“, во кој се тврди дека астролошки методи можат да влијаат врз животните патишта, иако станува збор за чиста измислица.
Македонските медиуми, особено онлајн медиумите, секојдневно објавуваат написи на слични теми, кои може да се окарактеризираат како чиста потрага по повеќе кликови под плаштот на безопасната забава.
Но, научниците одамна се спротивставуваат на ваквите верувања. Карл Саган во својата книга и серија „Космос“ детално објаснува зошто хороскопите не можат да бидат веродостојни. Неговиот пример со биолошки близнаци или луѓе родени во ист момент, под ист знак, кои водат сосема различни животи, јасно го разобличува тврдењето дека датумот и часот на раѓање можат да ја одредат судбината. Саган исто така посочува дека хороскопите во различни медиуми за ист ден и ист знак даваат различни предвидувања, што е доказ за нивната произволност.
Така што со овој пример се отфрла идејата дека е важен часот или периодот од годината за тоа колку среќа, работа или љубов ќе има одреден човек.
Понатаму Саган објаснува дека никакво мерливо космичко зрачење нема никаков „судбински ефект“ на луѓето на планетата Земја спомнувајќи ги сите видови на космички зрачења поединечно и особено истакнувајќи ги радиобрановите кои не се ни штетни за луѓето, а се емитуваат насекаде.
Целиот текст најди го на Мета.мк