ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.01.2022
Христијан од Штип е еден од ретките кој го пробал искуството на Ајахуаска – она што го доживеал го променило засекогаш

Христијан Митев е млад човек од Штип. Дипломира новинарство на Универзитетот во Штип, неколку години работи како новинар, но подоцна се одлучува да патува низ светот. Има пропатувано во многу држави, но едно од неговите нај невообичаени искуства е она со Ајахуаска. Ова е традиционален ритуал на пиење на пијалакот Ајахуаска за кој се зборува дека е едно од нај неверојатните човекови искуства. Многу ретко луѓе ја имаат таа шанса да го пробаат ова заедно со шаманите од Јужна Америка. Има многу познати личности и научници кои одат специјално во Перу за да го пробаат ова искуство. Христијан го опиша целиот настан за www.goce.mk , а случувањето е во Пукалпа во Перу.  Во продолжение во целост ви го пренесуваме неговото неверојатно искуство:

Христијан со дете од локалната средина после берење на кокоси

Далеку на истокот, некаде во височините на магичниот Тибет во монашките кругови постојат конкретни чекори кои водат до губење на идентитетот на поединецот. Монахот кој се одлучил на овој чекор треба да ја избричи својата глава, брада, веѓи, се со цел повеќе да не се идентификува со својот претходен идентитет а со тоа да ја започне потрагата по своето вистинско јас.

Сметам дека ние не сме резултат на надворешниот свет, надворешниот свет е резултат на нас, на нашата перцепција за светот, нашата свест и нашето животно искуство.

Доказ за ова е кога група на луѓе реагираат различно на едно исто  надворешно искуство, секој го доживува на свој начин, секој става акцент на различни елементи и секој вади различни поуки.

Нашиот идентитет

Е сега прашањето што се наметнува овде е што е тоа што го формира нашиот идентитет и нашата перцепција. Мислам дека постојат три клучни фактори кои и тоа како го формираат нашиот идентитет а потоа и нашата перцепција.

Првиот е наметнатите улоги кои ги добиваме со нашето раѓање! Сите ние сме припадници на одредена религија, дел од семејство, сите ние сме синови, ќерки, родители, пријатели, колеги, професионалци… листата е долга! Со добивањето на одредена улога, несвесно го примаме кодексот на однесување, ги прифаќаме правилата и почнуваме да ја играме играта.

Вториот фактор се нашите интерперсонални односи или односите со луѓето околу нас. Несвесно но и овде бираме различни идентитети кои понекогаш се кршат со нашите внатрешни правила и стандарди но поради опстанок или интерес ги прифаќаме и навлегуваме во нивната улога.

По одредено време, личноста станува уморна поради сите овие улоги кои се кршат со внатрешниот повик кој толку бил занемарен и настанаува огромно незадоволство кое се манифестира на различен начин.

Третиот фактор е нивото на образование и интелигенција.

Куќата каде Христијан преспивал додека се подготвувл за искуството

Христијан се одлучува да патува низ светот

Размислувајќи за овој концепт подолго време, барајќи начини за ослободување од наметнатите улоги и впуштање во длабока потрага по вистинското јас дојдов до решение кое истовремено е остварливо, одржливо и води до суштински промени на моите погледи кон светот. Решението се нарекуваше патување сам на континент каде не познавам никој и запознавање со култури кои немаат ништо заедничко со мојата.

Карта во еден правец, целиот живот спакуван во една ташна, многу ентузијазам, ослободување од стравовите и отворање кон нови искуства. Вака изгледаше комбинацијата која ветуваше суштински промени.

Лондон беше ладен и мрачен ноќта кога се качив на летот за Богота, Колумбија но внатрешно се чувствував топло и исполнето. Пристигнав на ,,Ел Дорадо” ноќта во 3 часот и првото нешто што го направив беше топло Тинто (црно кафе) и 20 минути набљудување на се она што се случува околу мене.

Првата недела ја поминав во ,,Ла Канделарија” најбезбедното место во Богота каде се сместени најголем дел од туристите, боемска населба исполнета со многу графити, улична уметност, одличен ноќен живот и навестуваше за она со што ќе се соочувам низ Јужна Америка.

Во Колумбија поминав еден месец, патувајќи низ југот на земјата научив доста за нивната култура, начин на живот, храна и како овие луѓе гледаат на животот.

Следуваше Еквадор а почетна точка беше главниот град Кито. Мистичен, различен или кога би требало да го опишам со еден збор, би рекол волшебен!

Реката Укајали, најголемата десна притока на Амазон

Како стигнал до информациите за Ајахуаска?

Едно попладне, лежејќи во хамок на една од терасите на еден хостел и гледајќи го прекрасното зајдисонце забележав млад пар кој едноставно ме привлече со својата енергија. Изгледаа едноставно и многу среќно!

Го слушав нивниот разговор и решив да се вмешам, делуваа како никој досега! Нивните очи имаа посебен сјај, не постоеше загриженост и нивните мисли ми делуваа прилично средени. Го земав своето кафе и се приближив без многу размислување. Разговорот беше многу пријатен, зборувавме за нашите патувачки искуства и за промените кои се случуваат за време на патувањата. Не сакав да заобиколувам и прашав директно на што се должи оваа убава енергија која не е секојдневна. Девојката се насмеа и ми даде едноставен одговор, Ајахуаска.

Традиционален пијалак кој се подготвува во Амазонија со векови наназад. Комбинација од две билки Ајахуаска и Чакруна кои заедно создаваат вино на смртта, пијалак кој создава халуцинации и те води низ места во твојата потсвест каде одново треба да се доживеат одредени ситуации кои предизвикале трауми во нашите животи од кои и денес ги трпиме последиците.

Станува збор за смрт на егото, за прочистување на лошата меморија складирана во амигдалата во мозокот и за соочување со стравовите кои постојат во нас.

Кога работите треба да се случат, едноставно се сѐ поклопува. За кратко време успеав да најдам неверојатен шаман и одличен центар сместен длабоко во Амазонија во Перу. Како подготовка за ритуалите една недела претходно започнав со специјална диета. Задолжително се исклучува црвеното месо од исхраната, не се консумира сол и шеќер, цигари и алкохол и лицето не смее да има ниту секс ниту пак сексуални мисли. На овој начин телото се подготвува за поефикасно примање на пијалакот.

Една од билките, Чакруна содржи ДМТ (еден од најмоќните психоделици) а втората билка Ајахуска содржи одредени елементи кои го блокираат ензимот кој се лачи во нашето тело задолжен за разградување на ДМТ. На овој начин ДМТ станува многу потентен и стигнува до мозокот во својата целосна форма каде ги активира 2А серотонинските рецептори и лицето доживува НИРВАНА. Се случува состојба во која доаѓа до соединување помеѓу вас и природата, стравовите исчезнуваат, се доаѓа до изворот на животот и лицето допира до својата природна интелигенција која нуди неограничени можности. Сетилата се будат како никогаш до сега и многу често луѓето имаат можност да го гледаат својот живот од неутрална страна од птичја перспектива и добиваат комплетна слика за тоа на кои начин ги донесуваат своите одлуки.

Но за да се случи оваа состојба мора прво да се помине преку други три фази кои воопшто не се нежни…

Ритуалите се изведуваат вечерно време во дрвена просторија наречена Малока која секогаш е централно поставена во населеното место и поради подобра циркулација на енергијата не постојат прозорци и врати. Церемонијата е водена од страна на шаманот кој со помош на мапачо (тутун) и икарос (песни кои самите билки му ги пренесуваат на шаманот) ја контролира енергијата во просторијата и им помага на учесниците да дојдат до својата нирвана.

Кога шаманот се појавува во просторијата се гаси и последната свеќа по што настанува комплетен мрак. Сите учесници добиваат душек, тоалет хартија, вода и кофа. Секој посебно оди кај шаманот, клекнува на колена го зема пијалакот со две раце, го гледа шаманот во очи и го пие пијалакот.

Што се случува откако ќе го започнете ритуалот?

Откако сите учесници ќе се напијат од пијалакот се враќаат на своите места и шаманот започнува да пее. По 30-40 минути (времето е различно кај секого) започнуваат халуцинации. Се појавуваат животни кои те повикуваат во нивното царство. Полека се губи допирот со реалноста, на моменти се враќаш, го допираш дното и своето тело како потреба за потсетување на реалноста.

Овде започнува првата фаза, наречена ГОЛЕМОТО ПОАЃАЊЕ, полека го губиш својот идентитет, излегуваш од сите улоги и од целиот материјален свет, почнуваш да се разбираш со животните и со билките на посебен начин, ги разбираш нивните потреби а и тие твоите.

Втората фаза е СООЧУВАЊЕ СО СТРАВОТ. Ова е најболната фаза! Овде доаѓа до соочување со сите работи кои те излудуваат во животот, работите кои ги одбегнуваме, работите кои ни создаваат тремори… Соочувањето воопшто не е лесно, инстиктивно бегаме но овој пат не постои бегство.

Многумина плакаат, повраќаат и се потат, се случува тресење и викање но по соочувањето гледаме дека стравовите се илузија, креирани се во нашите глави и со текот на времето им помагаме да растат.

Третата фаза се нарекува ДАВАЊЕ НА ПОДАРОЦИ. Овде доаѓа до кршење на егото, се појавуваат сите луѓе кои во животот нешто ни згрешиле, сите луѓе кон кои чувствуваме гнев, омраза или други негативни чувства. Она што е интересно овде се средбите со сите овие луѓе каде што наместо повторно да се расправаме со нив ние започнување да ги љубиме, да ги гушкаме и им простуваме за што ни сториле.

Транспортот од и до локацијата

Како ова искуство го променило за цел живот?

Кога личноста ќе ги остави сите овие работи зад себе тогаш настанува мирот, тогаш преминува на другата, по фината страна каде има помалку страдање а повеќе љубов и мир.

Да бидеме на чисто. Ова е состојба која се постигнува со медитација и јога! Ајахуаската те носи таму само еднаш, потоа сам не го знаеш патот до таа состојба што е малку депримирачки.

Работите кои ги учиш за време на ритуалите се запишуваат и потоа често се повикуваш на нив за да подобриш нешто во животот. Значи ти си тој што треба да ги направи промените подоцна, состојбата не се менува само по себе.

Велат по пиењето Ајахуаска животот никогаш повеќе не е исти. Такво е и моето искуство. Љубов, разбирање и давање се столбовите околу кои почнуваш да градиш и сфаќаш дека тоа е вистинскиот начин!

За сите кои не се запознати со Ајахуаска можат во продолжение да го погледнат овој краток филм продуциран од Јутуб, а како водител е познатиот едукатор Мајкл Стивенс, кој и самиот го пробал ова искуство.

 

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање