
Хуманитарен концерт за помош за Христијан Коцев – Кико ќе се одржи во вторник, 27 јуни во Домот на културата во Штип.

Ретката болест Атаксија – телеангиектазија му оневозможува на дваесетгодишното момче од Долни Балван да ја живее својата младост, а му го загрозува и животот. Единствената надеж во моментот е третман со матични клетки во Турција. За да стигне до таму, Кико, чија состојба во последниот период се влошува, треба да помине и третмани во Систина во Скопје, за да може да го издржи летот до Турција со медицински авион. Сумата потребна за сите овие третмани надминува 70.000 евра. Хуманоста на граѓаните овие денови восхитува – веќе се собрани околу 40.000 евра, но акцијата мора да продолжи.

Граѓаните се организираат на секаков начин, собираат и донираат пари поединечно, се организираат хуманитарни турнири, се вклучија мали бизниси но и големи компании. На иницијатива на јутјуберот Стефан Лазаров, кој се вклучи од самиот почеток на хуманитарната акција, во вторник, 27 јуни во Домот на културата во Штип ќе се одржи и хуманитарен концерт, на кој ќе настапат Tyzee, 2Bona, Tasko, Pajak, Лина Пејовска, Огнен Здравковски, Барбара Ракичевиќ, Стефан Лазаров, Dj Bonno… Концертот започнува во 21 часот .
Средствата што ќе се соберат ќе бидат искористени за лекувањето на Кико во Турција, но и за периодот по операцијата, односно рехабилитацијата.