ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.11.2025
И покрај предупредувањата, студентските ваучери се препродаваат на интернет
Автор: Goce Author

Иако мерката за студентски ваучери треба да им помогне на младите да набават лаптоп, таблет или компјутер, дел од нив веќе завршуваат на огласи. На социјалните мрежи масовно се појавуваат објави од типот: „Продавам ваучер за електронски уреди од 15.300 денари… Цена: 11.000, лајк и ќе ве контактирам“. Студенти го менуваат ваучерот за кеш, но останува големото прашање – дали некој друг воопшто може легално да го искористи?

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека препродажбата е бесмислена:
„Мислам дека и да ги препродале, не би можеле да бидат искористени бидејќи таму се лични податоци. Тоа ме загрижува.“

Во законот е јасно наведено дека „злоупотребата и фалсификувањето на ваучерот подлежи на казна согласно Кривичниот законик“.

Дополнителни компликации со студентите на мастер

Ситуацијата дополнително се комплицира со тоа што дел од студентите запишани на мастер студии биле пријавени и добиле ваучер, иако тоа не им следува. Вчера добиле мејл дека нема да можат да го користат затоа што не ги исполнуваат условите.

Министерката за образование Весна Јаневска појасни:
„Право на ваучери имаат студентите на додипломски студии и на интегрирани студии до 29 години.“

Според официјалните податоци, заклучно со вчера 27.000 студенти веќе ги подигнале ваучерите. За мерката Владата обезбеди над 13 милиони евра.

Што нуди ваучерот?

  • Вредност: 15.300 денари (250 евра)

  • Наменети за: лаптоп, таблет или персонален компјутер

  • Право имаат: студенти на додипломски студии до 29 години

  • Проценка: околу 55.000 студенти ќе бидат опфатени

  • Аплицирање: преку uslugi.gov.mk до 20 декември 2025

Како реагираат студентите?

На Reddit дел од нив сметаат дека 250 евра се недоволни за квалитетен уред:
„250 евра се малку за некој квалитетен електронски уред.“

Други реагираат на обидите за препродажба:
„Срамота е да правите бизнис од ваучерите.“

Има и практични прашања – од избор на модели до тоа колку да се доплати за подобар уред.

Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија
Студирање и работење – секојдневие за студентите