ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
07.10.2024
Илјадници граѓани гладни за брза заработка: Се ближи крајот на пирамидалната шема „Конти“, но се отвораат нови
Автор: Goce Author

Паника владее во Кавадарци, Неготино и во Велес, откако преку онлајн пирамидалната шема „Конти“ (Conti) каде корисници беа повеќе од 14.000 македонски граѓани, запре исплатата на пари. Преку овој начин на брза заработка, која се одвива преку уплата на криптовалути на платформата за тргување со крипто, Бајненс (Binance), голем број македонски граѓани изгубија илјадници евра, голем број заработија, но и има и такви – оние на врвот на пирамидата, кои сериозно се збогатија.

Мета.мк во последниве неколку дена слушна десетици сведоштва на луѓе кои биле дел од оваа пирамидална шема, која навидум изгледа мошне едноставно – сè што треба е да се отвори профил на Бајненс и на Телеграм, регистрација на платформата на Конти, да се уплати извесна сума пари и да се „кликаат“ лајкови на филмови или трејлери на филмови. Дополнително, се регрутираат нови и нови луѓе, односно што повеќе луѓе имате „под вас“, толку повеќе заработувате. Сè додека платформата не згасне. Кога ќе се случи тоа, не се знае, но кога ќе згасне, исходот е неизвесен – некој останува со салдо нула, некој е побогат за илјадници евра, а некој измамен за илјадници евра.

Да се биде дел од оваа шема никој не е принуден со сила, односно луѓето самоиницијативно одлучуваат дали ќе вложат пари или нема да ризикуваат. Но, кога ќе стигнат првите брзо заработени пари, понатаму е тешко да се стави точка, па оттаму, според сведоштвата што ги чувме, голем број граѓани зеле брзи кредити и зајмувале пари за да останат во игра, бидејќи секој нов пакет носи поголема добивка. Сè додека престанува да носи, па луѓето остануваат со високи долгови кои немаат како да ги вратат.

Со торти и балони се промовира лесниот начин на заработувачка

Постоењето на Конти, DGPT, Етернал и слични платформи, досега беа јавна тајна во земјава, но клопчето полека почна да се одмотува кога луѓе во последниве денови останаа покуси за високи суми пари, кои надминуваат и 10 илјади евра. Вчера, доцна вечерта, постоеше најава дека дел од парите на корисниците ќе им се враќаат, но тоа не става точка на начинот на кој функционираат пирамидалните шеми. Дури и во случајов, на корисниците им се бара да уплатат депозит, доколку сакаат парите да им бидат достапни.

Во Кавадарци, двајца млади луѓе, летово го отвораат инфо-центарот на Конти. Станува збор за скромна прослава, со торта, балони и логото на Конти, а се ветува брза заработувачка. Сличен инфо-центар се отвора и во Радовиш.

Бизнисот тече и претходно, а корисниците се „здружени“ на социјалната мрежа Телеграм, каде постојано има нови понуди, нови пакети, а од организаторите се пласираат информации дека станува збор за бизнис кој потекнува од Британија и од Словенија и дека тие редовно посетуваат обуки за овој бизнис. На корисниците им се делат и флаери во кој се објаснува овој процес за брза заработка.

Конти е регистрирана во Македонија

Мета.мк ги истражуваше двете веб-страници на „Конти“ (CONTI | Al Conti International Culture Limited и Login (conti.vip), но таму можат да се најдат малку податоци. „Конти“ е предмет на анализа на многумина, но крајниот заклучок е секаде ист – станува збор за крајно сомнителна компанија од неколку причини:

  • Недостиг на информации за сопствеништвото;
  • Сомнителен домеин – conti.vip;
  • Скриено сопствеништво на Whois, каде што може да се види кој ја регистрирал, кога и каде;
  • Кратко постоење на домеинот од само 7-8 месеци;
  • Недостаток на безбедна врска: веб-локацијата не користи безбедна (HTTPS) врска, што е важно за заштита на чувствителните информации на корисниците;
  • Нема проверлив SSL сертификат.

Извор: Мета.мк  – целиот текст може да се најде на следниот линк

Кариерен ден на УГД – за полесен избор за средношколците
Избрани единаесет нови гласови на „Отскочна даска“