
На 2 август, Илинден сите стануваме патриоти – за еден ден. А после? Се враќаме на поплаки, апатија и статуси. Илинден е симбол на борба, ама ние одамна се откажавме од неа.

Даница Среткоска
На Втори август, Македонија станува. Не од љубов кон историјата, туку затоа што е неработен ден. Се облекуваат кошули со етно мотив, се постираат слики од Крушево и Пелинце, некој ќе ја пушти „Едно име имаме“ со драматичен филтер, и сите стануваат патриоти – на 24 часа. А од утре? Назад на муабетите дека „ништо не чини“ и дека „нема за кого да се гласа“.
Илинден е тука! Патриотите се разбудени, венците и букетите се подготвени, говорите – свежо напишани од Chat-gpt. Додека функционерите положуваат венци и рецитираат за „идеалите на борците“, народот положува уште еден ден од својот живот – во редица на шалтер, на портал за бугарски пасош или во агенција за едносмерна карта до иднина… некаде надвор.
Револуционери на Илинден и на 16 години гинеле за Македонија
Ќе се спомне Гоце, ќе се рече дека се борел за „слободна, самостојна Македонија“. Ама ќе се прескокне делот каде што тој веројатно би се фаќал за глава ако видеше дека 120 години подоцна, слободата се сведува на тоа дали ќе најдеш работа без партиска книшка и дали ќе преживееш месец со плата што личи на џепарлак.
Се сеќаваме на херои, ама ретко знаеме што точно направиле. Нешто со бунт, со идеја, со борба против царска власт. Денес, ние се бориме со TikTok алгоритам, се криеме од одговорност и живееме во држава што се гордее со бунтовни корени, а седи мирно додека ѝ ја кратат иднината со административен нож.
Гоце рекол: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар.“ Денес тоа поле е Instagram. Сите сакаме култура, ама ако може без ангажман. „Знаеме“ за Илинден, ама само толку колку што пишува во опис под слика со филтер. Историјата ни е спектакл. Сегашноста – траги-комедија.

Ние сме народ што слави востание со поспан ентузијазам и споделен статус. Зашто, ако прашаш „Зошто не се менува ништо?“, ќе ти речат: „Така било од секогаш.“
Да, ама Илинденците не се сложиле со „така било“. Тие дигнале глава. Ние? Ние дигаме раменици.
Илинден денес е налепница со лавче залепена на Лада без мотор. Ем симболично, ем нефункционално. Го славиме минатото, живееме во иронија, а иднината ја чекаме како јавен превоз – никогаш точна, ама секогаш преполна.
Па, честит нека ни е празникот.
Ако ништо друго, барем сме мајстори за симболи.
Прашањето е: Ќе имаме ли храброст да направиме нешто што вреди за некој иден Илинден – или и тогаш ќе го одбележиме со хаштаг и ќе одиме на кафе во Грција за продолжен викенд?