
Проектот „Воспоставување на дијалог: нашата споделена одговорност кон иднината“, ко-финансиран од страна на Европската Унија преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, во кој партнерски учествуваат општината Карбинци од РСМ и општината Дупница од Р. Бугарија, влезе во завршната фаза.
Во Општината Карбинци во оваа фаза беа реализирани инфо денови, како дел од кампањата „Секогаш подготвени, секогаш безбедни“. На инфо деновите учествуваа ученици и млади од Општината Карбинци, а беа реализирани во три дена , на две локации – Локалитетот „Баргала“ и самата Општина Карбинци.
Локалитетот „Баргала“ беше првата дестинација на инфо деновите, каде околу четириесетина учесници најпрвин имаа можност да го посетат археолошкиот локалитет Баргала и да дискутираат за значењето на заштитата на животната средина. Главниот дел од активностите беше показна вежба од Противпожарната бригада, со демонстрација на гаснење на пожар, но уште поважно, со директна комуникација на учениците со пожарникарите. При тоа, децата добија одговор на сите прашања поврзани со постапките во случај на пожар.

– На дечињата денеска на показната вежба за гасење на пожар на отворен простор им укажавме што е најважно во таква ситуација. Најважно е сите граѓани, посебно децата, да се засолнат што поонастрана од огнот и од топлината, за да не дојде до изгореници или задушување од чад, и треба да се сврти 193 за да се известат надлежните органи, за да ние пожарникарите бидеме навремено известени и да го изгасиме пожарот – изјави пожарникарот Ристе Ѓошев.
По принципот на прашања и одговори, учесниците на обуката добија одговори за сите важни постапки во случај на пожар – што треба, а што не да се прави, како да се намали ризикот од пожари, како можат да помогнат кога ќе настане таква ситуација. Исто така, имаа можност да го разгледаат и противпожарното возило и опремата.

-Овој проект опфаќа многу повеќе активности, една од целите е да ја подигнеме свесноста кај граѓаните за опасностите од пожари и непогоди, за заштитата на животната средина. Овие настани ги нарековме инфо денови, и ја таргетираат општата популација, со акцент на младите и децата, со намера да научат како да се однесуваат и грижат за природата, што да прават во случај на пожари… Пожарникарите од противпожарната бригада направија показна вежба за гасење на пожар а дадоа и инструкции на младите и децата за случаите на пожар. Во овие три дена имамвме и едукативни работилници, како и обука и со претставниците од Црвен крст – изјави Драгана Митровиќ, координатор на проектот „Воспоставување на дијалог: нашата споделена одговорност кон иднината“.
Општинската организација на Црвен крст Штип , нашите волонтери заедно со демонстраторот по прва помош им покажаа на учесниците како да им се даде прва помош на лица на кои тоа им е потребно. Учениците беа задоволни, пројавија интерес и самите пробуваа како се дава прва помош. Ние сме задоволни, драго ни е што зедовме учество во настанот и се надеваме дека учесниците здобија со знаења за првата помош – изјави Деспина Димитровска од ОО Црвен Крст Штип.

Инфо деновите завршија со настан на кој покрај едукативни игри кои беа организирани со учесниците, со средба со претставници од Локалната самоуправа, Градоначалникот Виктор Паунов, претставници на Јавното претпријатие „Плачковица“, новинари, при што младите учесници може на сите нив да им постават прашања за нивната работа.
На крајот, на сите учесници им беа доделени сертификати за учество во обуките, а беа доделени и наградите на најдобрите на Конкурсот за есеј на тема „Бледа сина точка“.

