ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
30.06.2023
(Инфографик) Дали навистина има хиперпродукција на лекари на Универзитетот во Штип?
Автор: Goce Author

Фејсбук статус пренесен од некои медиуми во Македонија наметна теза дека има хиперпродукција на дипломирани лекари , посебно на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и на Универзитетот во Тетово. Дали навистина е така?

Пред се, овој заклучок и насловите кои се објавуваат се базираат на објавени бројки на дипломирани на Медицинските факултети, кои всушност се невистинити, и прикажуваат поголема бројка од реалната. Така на пример, за Факултетот за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се вели дека во 2022 година дипломирале 248 доктори, што не е вистина. Во таа 2022 година, на УГД дипломи од општа медицина добиле 98 студенти. Каде е “пропустот“ ? Според информациите кои се објавија во јавноста и на некои медиуми, во бројката од 248 дипломирани, се зема предвид сите дипломи издадени во таа 2022, а во таа бројка влегуваат и стоматолози, фармацевти, лаборанти, медицински сестри и техничари, акушерки, физиотерапевти, оптометристи, забни техничари и протетичари. Стоматологија и фарамција се посебни медицински гранки, а останатите се тригодишни студии и не спаѓаат во категоријата „лекари“ кои ги мери ОЕЦД и сите други релевантни институции. Впрочем ОЕЦД има посебна графа каде ги мери „nurses“ и таму бројките се далеку поголеми.

Ако се погледнат десетте години во кои се доделувале дипломи досега на студенти на Општа медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип,  во ниту една година бројката не достигнува ни близу до објавената – бројката, според официјалните податоци од УГД,  се движи околу просек од 100, а во 2022 таа е 98.

Колку вистински има дипломирани лекари на 100.000 жители?  

За да се поткрепи тезата дека во Македонија има хиперпродукција на лекари, се користи и споредба со САД и Германија, каде наводно годишно дипломираат 8 доктори на 100.000 жители, а во Германија пак 12 на 100.000. Во Македонија, според информациите во јавноста, тоа се 49 на 100.000 жители. Но, и овде не се напоменува дека според листата на ОЕЦД која се цитира, во оваа бројка не се вклучуваат студентите поврзани со дентална медицина, јавно здравје и епидемиологија, а има и посебна статистика на студенти и средношколци кои се вклучени во студиски програми за медицински сестри. Со ставањето во ист кош на сите дипломирани од Штип и Тетово (во бројката од 248  се вклучени сите дипломирани, од сите студиски програми на медицинските факултети), оваа бројка не одговара на реалноста.

Според информациите од УГД на студиската програма по општа медицина, која произведува лекари, дипломирале 98 студенти, а од нив околу 10% се странски студенти. Студенти со живеалиште во Македонија се помалку од 90.

Според овие бројки на 100.000 жители има околу 4.9 студенти, што е далеку од бројката која се пласира во јавноста.  Интересен е и податокот што од овие 98 студенти помалку од половината доаѓаат од источниот регион на државата. Поголемиот дел се од другите региони.

Според медицинските установи – во Македонија недостасуваат лекари

Контрадикторно е и тврдењето дека има хиперпродукција на доктори, во време кога голем број здравствени институции во Македонија сугерираа дека недостасуваат лекари. Тоа го потврдуваат – Министерство за здравство, Лекарската комора, поранешни и актуелни министри. Во моментов само во штипската болница недостасуваат 30 доктори, слична е состојбата и во другите градови.

Извор: ИЈЗ

Менаџерите на здравствените институции во државата постојано апелираат дека недостасуваат специјалисти, лекари и друг помошен персонал, а ова особено беше изразено во здравствената криза.

Според СЗО Македонија е далеку од хиперпродукција на лекари

На веб страната на Светската здравствена организација, податоците за Македонија се однесуваат на 2015 година, и според нив, во Македонија има вработено околу 280 лекари на 100.000 жители. Во 2019 година пак, таа бројка според Институтот за јавно здравје е 312 на 100.000 жители.

Извор: СЗО

 

Каде се наоѓаме од овој аспект, според статистиката на statista.com (се однесува на 2021 година и податоците се од ОЕЦД)? Во друштво сме на Велика Британија, која има 320 лекари на 100.000 жители, а споменатите САД имаат 260 вработени лекари на 100.000 жители. Ама, треба да се каже дека таа бројка на пример во Австрија е 550, во Норвешка 520, во Шпанија 460, Германија 450, Франција 340…

На Балканот, Србија и Хрватска се во поповолна ситуација од нас, исто така и Бугарија, зад нас се Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Студирањето медицина е огромен предизвик за младите, а демотивацијата не оди во прилог на општеството. И покрај реалната слика за тоа дека Македонија сепак нема доволен број на лекари и е далеку од хиперпродукција, лажните вести и дезинформациите без доволна проверка, се обидуваат да ги демотивираат младите луѓе.

 

Дипломирани студенти во 2022 година на Медицински факултет Штип:

Факултет: Број на дипломирани:
Општа медицина 98 студенти
Дентална медицина 13 студенти
Фармација 18 студенти
Акушерки –  3 годишни стручни студии 11 студенти
Забен техничар – протетичар –  3 годишни стручни студии 14 студенти
Медицински лаборанти –  3 годишни стручни студии 8 студенти
Медицински сестри/медицински техничар –  3 годишни студии 43 студенти
Оптометрија и очна оптика –  3 годишни студии 4 студенти
Физиотерапевти –  3 годишни стручни студии 41 студенти

 

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?