Инклузијата на лицата со попреченост во секојдневниот живот, вклучително и во образованието, беше тема на анкета која goce.mk ја спроведе заедно со Универзитетските медиуми на УГД, и даде резултати кои покажуваат дека треба уште многу да се работи на темата инклузија на лицата со попреченост, треба уште како да се слушнат и земат предвид размислувањата на сите кои на свој начин имаат допирна точка со проблемот. Во образовниот систем потребни и едукација, и поголема пристапност, соработка со родителите и со МОН, во секојдневниот живот вистинска пристапност, не само приоди и рампи на поедини институции, поголем ангажман на Центрите за социјална работа, поприлагодена работа на дневните центри, зголемени финансиски додатоци, можности за вработување… Кога станува збор и за самата инклузија како процес, има различни мислења – некои се за тотална инклузија, некои сметаат дека такво нешто едноставно не е изводливо.
Податоците добиени од анкетата покажаа дека спектарот на области во кои лицата со попреченост наидуваат на сериозни проблеми е широк, и дека општествена акција и ангажман дефинитивно е потребен, ако сакаме да им го олесниме животот и функционирањето, и да им овозможиме поголема инклузија, за да не го гледаат решението и на овој проблем како и на многу други со заминување од државата.. Како еден обид за придонес во оваа насока, е и емисијата од серијалот „Соба за дискусија“ (Room for diskusions), во која на оваа тема разговаравме со Зоран Мијалков од Здружението „Сплотени срца“, Надица Михаилова, наставник во ДСУ Искра од Штип, како експерт ни гостува универзитетскиот професор Јован Ананиев од Правниот факултет на УГД, а ставовите на надлежните министерства ќе ги слушнете од Душан Томшиќ, Советник за инклузија во МОН, и Владимир Лазевски, консултант за инклузија и попреченост во Министерството за труд и социјална политика.
Емисијата можете да ја погледнете во продолжение.