
goce.mk заедно со Универзитетските медиуми на УГД – Штип со желба да отвори што е можно повеќе прашања важни за лицата со попреченост (секако и за сите лица кои на одреден начин се поврзани со проблемите и потребите на лицата со попреченост) реализираше онлајн анкета, во која можеше да се искажат сите мислења, потреби, идеи, проблеми, со кои се соочуваат, и кои бараат општествен ангажман за подобрување на состојбата. Во анкетата лицата со попреченост, членови на нивните семејства, нивни пријатели, лица кои работат со лица со попреченост, имаа можност да ги кажат своите мислења, предлози, кои ќе бидат предмет на дополнителна новинарска обработка, преку емисии и прилози на оваа тема, со цел да се поттикне акција за решавање на проблемите и олеснување и подобрување на условите во кои живеат овие лица.

photo: freepik.com
Анкетата беше структурирана така, да може самите учесници во неа да го изберат аспектот од кој го гледаат проблемот – можеа да коментираат за вклученоста на лицата со попреченост во образовниот процес, за проблемот со пристап до институциите, со остварување на своите права…
Во делот со вклученост во образовниот процес, интересни беа мислењата на учесниците во анкетата кои се во секторот образование и од тој аспект ги гледаат проблемите. Голем дел од нив сметаат дека во институциите, но и во училиштата, се уште има кадри кои не се доволно компетентни и стручни, недоволно едуцирани, а не се организираат ни доволно семинари и обуки на тие теми.
„Во недостиг на ученици, други училишта сакаат да ги преземат учениците кои треба да бидат запишани во средно стручно училиште за ученици“ – вели личност која е вработена во училиште за ученици со посебни потреби, што укажува и а друга димензија на проблемот – судбината на овие специјализирани училишта.
Нејзина колешка од друго училиште смета дела нема доволно кадар, дела оние кои се едуцирани не можат доволно да влијаат, дека се потребни повеќе обуки и семинари, потребна е поголема соработка со родителите и со МОН.
За жал, во анкетата имаш и одговори кои сугерираат дела лицата со попреченост имаат проблем и да се запишат во училиште. „Не го примаа детето на училиште, со изговор дека нема кој да работи со него, нема асистент, бидејќи сите за кратко време ја напуштаат таа работа“ вели еден родител на дете со попреченост. Друг пак родител на дете со церебрална парализа вели „Не можевме да го запишеме детето на училиште за кое тоа имаше желба“.
Што се однесува до останатите области од животот и проблемите на лицата со попреченост од тој аспект, доминираат одговорите за подобрен и полесен пристап до сите институции (не само од аспект на физичкиот пристап), да се адаптираат пристапите до училиштата, трговските центри, маркетите, рестораните, немање лифтови во повеќето објекти, несоодветна осветленост, а секако се споменува традиционално и потребата од поголема финансиска поддршка.
„Социјални грижи да работат и да ги кажуваат законските права за лицата со попреченост“;
„Дневните центри да работат од 6 до 16, а не од 8 до 14 часот и да мора да се создава обврска за носење и земање на детето“;
„Да се подобри пристапот до сите институции, да се создаваат можности за нормална социјализација и прифаќање, сите медицински потреби да бидат задоволени и обезбедени од државата“;
„Помош околу носењето на личноста со слепило до одредена институција, поради лошо поставени знаци на сред тротоари, неправилно паркирани автомобили“;
„Поголема социјална помош, ангажирање на стручни лица , домашна посета (за лицата со церебрална парализа)“;
Што според дел од анкетираните е потребно државата да направи?
„Повисок посебен додаток(финансиски), и тој да се добива до крајот на животот (не како досега само до 26 години). Значи, подобра финансиска сигурност. Домови за здружено живеење со медицинска и негувателска поддршка (некаде треба да живеат лицата по смртта на нивните родители, се разбира, оние кои немаат поблиски роднини). Пензионирање на еден од родителите (или родителот, ако е сам по било која причина) порано, да не се чека 62/64 години, не се издржува толку.“
„Обезбедување работни места соодветни на нивната состојба бидејќи многу од тие лица се работоспособни, а за жал најчесто наидуваат на културно одбивање“

photo: freepik
Овие искажувања покажуваат дека спектарот на области во кои лицата со попреченост наидуваат на сериозни проблеми е широк, и дека општествена акција и ангажман дефинитивно е потребен, ако сакаме да им го олесниме животот и функционирањето, и да им овозможиме поголема инклузија.
Сознанијата од анкетата ќе бидат сумирани и дебатирани и во емисија во која ќе учествуваат лица со попреченост, експерти од соодветната област, претставници на надлежни институции, а оваа емисија наскоро ќе можете да ја видите на youtube каналот на goce.mk .