ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.10.2024
(Интервју) Академскиот стрес може да биде причина за анксиозност и „burn out“ кај младите
Автор: Goce Author

За академскиот стрес и последиците од него, нешто повеќе поразговаравме со м-р Билјана Пешова, дипломиран психолог, гешталт терапевтка под супервизија и дел од основачкиот тим на здружението Психолариум. Целосното интервју проследете го во продолжение.

м-р Билјана Пешова

  1. Што претставува академскиот стрес?

Академскиот стрес се однесува на стресот, односно на физиолошкиот и психолошкиот дисбаланс кој го доживуваат студентите во академскиот контекст. Студирањето е важен период во животот на младите кој од една страна отвара нови можности за личен развој и осамостојување, а од друга страна пред нив поставува нови улоги, обврски и барања на кои треба да се прилагодат и адекватно да одговорат.  Во  контекст на ова, студирањето може да претставува значајно развојно и позитивно искуство, а истовремено и исклучително турбулентен и стресен период.

Почетокот на студирањето за многу студенти подразбира напуштање на домот и одење во непозната средина. Ова одвојување може да значи почеток во градењето на својата независност од родителите, но  и губење на значајната поддршка која дотогаш ја добивале од семејството и пријателите. Сето ова бара нови адаптации што може да биде силен извор на стрес за студентите. Понатаму, студирањето претставува едно повисоко ниво на образование кое пред младите поставува низа на нови и поинакви задачи кои бараат поинакво функционирање и поголеми капацитети. Полагањето на испити и подготовката за нив се смета за најголем и најчест извор на академски стрес за студентите. Многу испити во краток временски период, лоша организација на времето, несигурност и страв од исходот се извори на стрес кои постојано се јавуваат во академскиот живот. Многу често студентите ги одложуваат своите обврски, па во краток временски рок се обидуваат да завршат што повеќе обврски што исто така резултира со стрес. Финансиските проблеми може да претставуваат дополнителен стресот за студентите кои сами се грижат за своите финансии и кои паралелно со своето студирање работат.

Кога зборуваме за стресот генерално, важно е да имаме на ум дека стресот не го предизвикуваат настаните или ситуациите сами по себе, туку стрес доживуваме тогаш кога сме изложени на настани и ситуации кои ги проценуваме како закана, опасност или предизвик, односно кога проценуваме дека не поседуваме доволно лични капацитети и ресурси за адекватно да одговориме на барањата на истите. Во овој контекст, доживувањето на академскиот стрес и успешното справување со него е поврзано со многу фактори поврзани со личноста на студентот/ студентката како што се: самопочитта, самодовербата, сликата за себе, перцепирната самоефикасност, атрибуцијата на причините за успех и неуспех, насоченоста кон целта и мотивацијата за постигнување, нивото на зрелост, самостојноста и способноста да преземе одговорност за себе, како и поседувањето адекватни стратегии за соочување со стресни ситуации.

Менталното здравје и студентскиот живот – соочување со предизвиците

  1. Како академскиот стрес може да влијае врз нарушено ментално здравје кај младите?

Кога стресот кој го доживуваат студентите е прекумерен и постојан може да се јават различни психолошки проблеми. Најчести психолошки реакции на стресот се емоционалните кои вклучуваат немир, раздразливост, чести промени во расположението, а во помала мера може да се јават и рамнодушност и чувтството на вина. Освен емоционалните реакции и потешкотии се јавуваат и когнитивни потешкотии меѓу кои се забавеното мислење и слабата концентрација кои значајно го попречуваат процесот на учење и усвојување на знаења што доведува на намален академски учинок. Сето ова може да доведе и до пад на мотивацијата за студирање, намалување на севкупното задоволство од себе и животот и до намалена самопочит и самодоверба кај младата личност.

Едно од најчестите облици на ментални нарушувања кои го пратат академскиот стрес се анксиозните нарушувања. Анксиозноста претставува состојба на збунетост, страв и напнатост која вообичаено е составен дел од моменталниот одговор на стрес. Доколку оваа состојба се јавува повремено и умерено, само додека трае стресниот настан, тогаш таа не претставува ништо загрижувачко, па дури може да биде и мотивирачка сила. Но, доколку трае долго и го попречува извршувањето на секојдневните активности, тогаш станува проблем на кој треба да му се посвети внимание. Анксиозните нарушувања се пропратени со долготраен и интензивен страв или загриженост во ситуации кога таквите чувства немаат реална основа. Ваквата состојба ги попречува ритамот на спиење, концентрацијата, апетитот и ја намалува општата добросостојба на поединецот. Доколку анксиозната состојба трае долг временски период потребно е да се побара стручна помош, бидејќи може да доведе до неадекватни начини на соочување со проблемот како што се злоупотреба на алкохол и наркотици, додека некои поединци може да развијат и депресија или да се појават суицидални мисли.

  1. Дали академскиот стрес може да доведе до синдром на „Burn outкај младите?

Синдромот на согорување („Burn out“ синдром) подразбира физичка, емоционална и ментална исцрпеност која се јавува како резултат на интензивен и долготраен стрес. Овој синдром преставува одговор на организмот на хроничниот стрес. На овој начин нашиот организам ни соопштува дека е исцрпен и дека му е неопходен одмор или промена во начинот на функционирање.

Синдромот на согорување може да се јави и кај студентите кои доживуваат хроничен академски стрес. Ризикот за овој синдром е зголемен кај студентите кои имаат високи академски очекувања од себе и се насочени исклучиво кон академските постигнувања, при што ги занемаруваат и потиснуваат своите потреби, желби и емоции, односно ги занемаруваат останатите аспекти на животот. Поподложни на овој синдром се студентите кои имаат силно изразена тенденција кон перфекционизам, кои се високо одговорни, со силно изразена потреба за контрола, за кои академскиот успех е единствено мерило за нивната вредност, кои се високо сензитивни и кои немаат развиено адекватни стратегии за справување со стресни ситуации.

Симптомите по кои може да се препознае синдромот на согорување се различни. Како прв показател дека се работи за синдромот на согорување е неможноста студентот/ студентката да се опушти и исклучи во слободното време, проследено со постојано чувство дека нешто треба да заврши, а  може да се појави и чувство на вина доколку си дозволи да се опушти. На телесно ниво може да се јави главоболка, стомачни тегоби, болки во мускулите, потешкотии со спиењето, проблеми со апетитот, хроничен замор, пад на имунитетот и хормонален дисбаланс. На емотивен план може да се јави анксиозност, панични напади, намален праг на толеранција на фрустрација, зголемено ниво на раздразливост, безволност, депресивност и сл. На когнитивен план имаме лоша концентрација, намалено внимание, одложување во извршувањето на академските обврски и избегнување на академските ситуации како што е непосетување на предавања и вежби или непојавување на испити. Студентот/ студентката во ваква состојба може да почне да ги преиспитува своите способности за студирање, како и своите одлуки за студирање и изборот на својата професија што може да резултира со намалено ниво на мотивираност и губење на личното значење на студирањето и на идната професија. Потребно е да имаме на ум дека синдромот на согорување не се јавува одеднаш, туку постепено. Затоа важно е да ги препознаеме и да реагираме на првите негови знаци со што би го спречиле понатамошниот негов развој.

Насилството меѓу момчињата сѐ поголемо, младите со сериозни предизвици со менталното здравје

  1. Како може младите да го надминат академскиот стрес?

Некои општи препораки за намалување на академскиот стрес се практикување на физичка активност, негување на здрави прехранбени навики, добра организација на времето и постигнување на баланс помеѓу студирањето и останатите аспекти на живеењето.

Покрај овие општи препораки, постојат различни психолошки стратегии кои можат да помогнат во успешното справување со стресот. Една од нив е активното соочување со проблемот, која подразбира насоченост кон проблемот. Со оваа стратегија се настојува да се отстрани проблемот кој предизвикува стрес. Но, секогаш не е возможно да го отстраниме стресот од околината. Во вакви ситуации покорисно е да го редефинираме проблемот. Оваа стратегија е насочена кон процената на стресната ситуацијата и подразбира промена во начинот на кој гледаме на неа. На проблемот се гледа како на предизвик, со што се постигнуваат нови увиди кои овозможуваат од стресната ситуација да се учи. Со оглед на тоа дека во стресната ситуација се јавуваат низа на непријатни и интензивни емоции, корисна стратегија за нивно надминување е вербализацијата на емоциите. Оваа стратегија овозможува емоционално растеретување со што се намалува анксиозноста, а со тоа и самиот стрес.

За крај би сакала да потенцирам дека за справувањето со академскиот стрес од исклучителна важност е градењето на адекватна социјална мрежа. Ваквата  социјална мрежа ќе им овозможи на студентите да добиваат соодветна помош  и поддршка од блиските други (колеги, пријатели, семејство), а истовремено и да пружат помош и поддршка таму каде што е потребна. Важно е студентот/ студентката покрај себе да има личност во која има доверба, со која може отворено да поразговара за своите чувства и предизвици, некој кој ќе биде тука за него/ неа и ќе биде со него/ неа. Доколку во опкружувањето на студентот/ студентката недостасува ваква личност, тогаш тој/таа може да побара помош од стручно лице кое ќе му/ ѝ биде поддршка и ќе му/ ѝ пружи помош во соочувањето и надминувањето на академските предизвици.

 

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите