
14 студенти на техничките науки на универзитетите УГД Штип, УКИМ – Скопје, УКЛО – Битола и ДУТ – Тетово го добија признанието „Инженерски прстен“ за 2025 година.
Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид. Ова признание се доделува секоја година, под покровителство на Претседателот на Република Македонија.

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова ги додели признанијата на следните студенти:
УКИМ – Скопје: Фросина Станковска – Архитектонски факултет, Марко Ѓорѓиоски – Градежен факултет, Харитина Сакова – Машински факултет, Васка Зарковска – Технолошко-металуршки факултет, Сара Ацковска – Факултет за земјоделски науки и храна, Димитар Пешевски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Кирил Христовски – Природно-математички факултет, Теа Костадинова – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Рената Павлеска – Факултет за електротехника и информациски технологии.
УКЛО – Битола: Катерина Стојкоска – Технички факултет и Софи Гајтановска – Факултет за информатички и компјутерски технологии.
УГД Штип: Сара Панева – Факултет за природни и технички науки и Бојана Тасева – Факултет за информатика.
ДУТ Тетово: Гзим Дервиши – Факултет за применети науки.
Сиљановска-Давкова, честитајќи им го на добитниците престижното признание, ја истакна важноста од континуираната подршка на образованието и науката, како најдобра општествена инвестиција.

Таа ја реафирмира потребата од развојна образовна политика, компатибилна со регионалната и европската, насочена кон наша интегрирација во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот истражувачки пазар.
Според неа, само образовани и компетенти луѓе на политички и управувачки позиции можат да ја разберат и поддржат науката.
Андреј Лепавцов, претседателот на Инженерската институција на Македонија, им порача на најдобрите инженери во прстенот да гледаат не само признание, туку и обврска и предизвик за поголемо знаење и повисоки стандарди на квалитет.
„Наша должност е да ве поддржуваме во секоја фаза од вашата професионална кариера. Ние ќе бидеме тука да ве поврземе со индустријата, да ви помогнеме да ги продолжите вашите академски патеки“, рече тој и нагласи дека институцијата со која раководи ќе ги охрабрува да се вклучат во креирањето на инженерската политика на државата.
Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, а во организација на „Инженерската институција на Македонија“ и на „Комората на овластени архитекти и овластени инженери.“